Вратен авансот за кинеските вакцини
Foto

Вратен авансот за кинеските вакцини

Кина го повлекла авансот што Македонија го уплатила за вакцините против КОВИД. Од Министерството за здравство за ТВ24 тврдат дека тоа не значи дека пристигнувањето на вакцините е откажано, туку кинеското Министерство за надворешни работи побарало усогласување на документацијата, а вакцините велат - ќе пристигнат во најкус можен рок. 

„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината Синофарм, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето Министерство за надворешни работи и Министерството на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја“ - велат од МЗ. 

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека имаат информации дека кинеската компанија „Синофарм“ и го вратила авансот на Македонија и изразија сомнеж дека вакцините воопшто ќе пристигнат.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски пак денеска по средбата со стопанственици во Битола изјави дека процесот на вакцинација во Македонија е сличен со процесот на добивање на датум за преговори со Европската Унија и укажа дека последиците од доцнење на вакцината се многу сериозни. 

„Првата е здравствена и многу луѓе платија највисока цена со живот или со тешки здравствени последици. Втората е стопанството, денешниот разговор во Битола со стопанствениците ни покажа дека отсуството на имунизација во Македонија им создава дополнителни потешкотии на битолските стопанственици. Тие не можат поради непримена вакцина да остават најобични потребни деловни контакти со нивните деловни партнери во Грција и Бугарија“ - рече Милошоски.

Вакцините од Кина беше најавено дека ќе пристигнат во февруари. Станува збор за 200.000 вакцини за кои Министерството за здравство потпиша договор за набавка и со кои практично требаше да започне масовната имунизација на населението. За во февруари беа најавени и околу 5.000 вакцини од компанијата „Фајзер“ за што Владата и Министерството тврдеа дека се обезебени уште во јануари, но и тие нема да пристигнат овој месец, поради тоа што договорот не е финализиран. 

Земјава засега ги има на рапослагање само вакцините кои ни ги донираше Србија, со кои се имунизира медицинскиот персонал - како приоритетна група која што е во ризик поради постојаниот контакт со КОВИД пациенти.

0 Коментари

Остави коментари