Во вториот квартал 2.011 хипотеки на недвижности, 5.936 продажби и 1.740 закупи
Foto

Во вториот квартал 2.011 хипотеки на недвижности, 5.936 продажби и 1.740 закупи

Во периодот април – јуни годинава  се запишани вкупно 2.011 товари врз недвижности, со вкупна вредност од 412.635.034 евра, односно  3.229.174.540 денари, покажуваат податоците од кварталниот извештај на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во базата на Регистарот на цени и закупнини во вториот квартал годинава се евидентирани 7.676 трансакции, од кои 5.936 продажби на недвижности и 1.740 закупи на недвижен имот.

Споредбено по месеци во овој квартал може да се забележи дека најголем број трансакции има во април, односно во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани 3.110 трансакции.

Најмалку трансакции се евидентирани во мај, и тоа 2.248, додека во јуни се регистрирани 2.318 трансакции.

Доколку се разгледа обемот на трансакции по месеци и по тип на трансакција, може да се заклучи дека најголем број купопродажби се регистрирани во април, односно 2.395 купопродажби, а најмногу регистрирани закупи се евидентирани во април, односно 715.

Зголемување има и кај купопродажбите и кај закупите споредено со второто тримесечие од минатата година. Ако во вториот квартал лани имало 3.209 купопродажби, во истиот квартал годинава тој број изнесува 5.936. Има зголемување и кај закупите, од 878 во периодот април-јуни лани, на 1.740 во истиот период од годинава.

Купопродажбите во вториот квартал годинава се во вредност од 203 милиони евра, а закупите од 721 илјада евра.

Во прилог на зголемувањето на активностите на пазарот на недвижности се и последните податоци за бројот на издадени одобренија за градење и станови.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во јули годинава се издадени 446 одобренија за градење, што е за 57 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите што ќе се градат изнесува 9 952 602 000 денари, што е за 97 проценти повеќе во однос на јули лани. И во јули годинава доминираат одобренијата за градење за објекти од високоградба, односно 284 од вкупниот број.  Во вториот квартал годинава е предвидена изградба на 1 945 станови. 

0 Коментари

Остави коментари