Во владата и во министерствата бројот на административни службеници се зголемил за 540 луѓе
Foto

Во владата и во министерствата бројот на административни службеници се зголемил за 540 луѓе

Се зголемува бројот на државни чиновници во државата. Во изминатите три години, во Владата и во Министерствата бројот на административни службеници се зголемил за 540 и стигна до 17 745.

На Илинденска број 2 работат 374 лица, што е за 60 повеќе од декември 2016 година. Според податоците на Центарот за граѓански комуникации, бројот на службеници е зголемен и во Министерствата за економија, информатичко општество, култура, земјоделие, внатрешни работи. 

Наспрема ова, од Министерството за финансии си заминале 50 лица, кои биле во редовен работен однос, а исто толку и од МНР. Од одбраната 176. Во труд и социјала отказ од работа дале дури 71 лице, а од Министерството за здравство 20. 

Вицепремиерот за економски прашања вели дека бројот на вработени во јавната администрација ќе се намалува за 20%, но не и бројот на административни службеници кои работат во Министерствата и во Владата.

„Еднаш за секогаш треба да разјасниме што е државна управа, а што е вработени во јавен сектор. Ние кога зборуваме за намалување на бројот на лицата вработени во јавната администрација мислиме на целиот јавен сектор. Не е државната управа. Ако ја видите функционалната анализа по министерствата ќе видите дека таму дури недостасуваат луѓе.“ -вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Според базата на податоци, во последните три години во редовен работен однос во Владата и во Министерствата се примени нови 154, на договор на дело се ангажирани 177, а привремено се вработени 209 луѓе. Додека вработувањата се зголемени за 0,9 проценти, бројот на ангажирани на договор на дело скокнал за 125 проценти, а привремено се вработени дури 337 проценти повеќе луѓе.  

Кај општините рекордер по нови вработувања е Бутел. Во споредба со 2017, во Општината има 122 лица повеќе. Потоа следува Општина Кавадарци со нови 87 вработени или ангажирани лица, или пораст од 77 отсто. Во изминатите три години, никакви промени не биле направени само во Шуто Оризари. И тогаш и сега таму работат 17 лица. 

0 Коментари

Остави коментари