ВО ПОНЕДЕЛНИК СОБРАНИСКА КОМИСИЈА ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ
Foto

ВО ПОНЕДЕЛНИК СОБРАНИСКА КОМИСИЈА ЗА ОДЗЕМАЊЕ НА ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ

Дали 80 пратеници ќе гласаат ЗА одземање на мандатот на експремиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и натаму е неизвесно. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ каде Груевски е почесен претседател ова прашање е дефокусирање на јавноста од важните политички случувања во земјава, како ќе гласаат не откриваат - велат до свикување на пленарната седница ќе има координација.

Конкретен став засега нема ниту од осумтемина пратеници исклучени од ВМРО ДПМНЕ. Оттаму и вчера, но и денеска посочија дека се уште немале координација за ова прашање. Собранискиот спикер Талат Џафери денеска испрати допис до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со кој извести дека пратеникот Никола Груевски неоправдано бил отустен од седниците на Парламентот повеќе од шест месеци. Од надлежната комисија пак расправата ја најавија за в понеделник. Тие имаат рок од 15 дена да одлучат и да му предложат на Собранието одземање на мандатот на Груевски.

- Според член 59 од собранискиот Деловик, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

Пратеникот и поранешен премиер Никола Груевски за кој има правосилна пресуда од двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО, а е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април, во месец ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант.

Пред шест месеци, односно пред бегството, Собранието гласаше за одземање на мандатот на Груевски. Комисијата за мандатно имунитетни прашања, тогаш предложи одземање, сметајќи дека со двегдишната затворска казна за набавка на блиндираниот мерцедес, тој е недостоен за извршување на пратеничката функција, но за предлогот гласаа само 58 пратеници, а за ваква одлука е неопходно двотретинско мнозинство или 80 пратеници. Никола Груевски по бегстовото остана единствено без пратеничката плата.

0 Коментари

Остави коментари