Во мај нова лидерска средба, ќе се разговара и за изборите
Foto

Во мај нова лидерска средба, ќе се разговара и за изборите

Лидерска средба на која ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори, најави претседателот Стево Пендаровски за првата половина на следниот месец.

– Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот, изјавија за МИА од Кабинетот на претседателот Пенадровски.

Шефот на државата ја најави лидерската средба откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара од него да свика средба во врска со иницијативата на СДСМ и коалициските партнери кои бараат повторното свикување на Собранието.

Мицкоски вели дека државата се наоѓа во многу деликатна ситуација, бидејќи поранешни пратеници не можат да поднесат иницијатива. Според него, тоа е сериозен преседан кој што ќе значи директно кршење на Уставот.

Од СДСМ, пак, сметаат дека сега нема потреба од лидерска средба, бидејќи фокусот е ставен на борба против коронавирусот.

-Ние сметаме дека не е време да се разговара за избори. Има време и ќе разговараме за тоа кога ќе дојде време. Наш главен фокус останува здравјето на нашите граѓани и економските мерки со цел да зачуваме повеќе работни места, да помогнеме на поголем број граѓани и да ја победиме оваа криза од коронавирусот,  порача потпретседателот на СДСМ Коста Петров.

Од ДУИ велат дека сите позначајни одлуки треба да се донесат консензуално. 

-Формата за постигнување на консензуалноста е помалку значајна од содржината и почитувањето на договореното. Датумите за формирање техничка влада, распуштање на Собранието, предвремени избори, па и одложувањето на тие избори, беа донесени консензуално и беа поддржани од сите. Сите чинители сега треба повторно консензуално да се договорат за следните чекори, било тоа да е телефонски, преку видео-врска или во друга форма, велат од ДУИ.

 

 

0 Коментари

Остави коментари