Во Грција продолжува борбата со пожарите
Foto

Во Грција продолжува борбата со пожарите

Повеќе од илјада пожарникари се борат со шумските пожари кои беснеат на повеќе мест во Грција, а од денеска на островот Евија е прогласена и вонредна состојба. Состојбата станува се покритична и поради силниот ветар и високите температури, па чадот од островот прекрива големо подрачје, дури и главниот град Атина. Премиерот Кирјакос Мицотакис кој го прекина одморот на Крит, ги посети најзагрозените места и изјави дека најважно е да бидат заштитени животите на луќето.

„Условите се исклучително тешки и првиот приоритет на државата е да ги заштити животите на луѓето. Веќе побарав помош од Европската Унија. Хрватска и Италија ќе испратат четири противпожарни авиони од типот „Канадер“ за да учествуваат во гаснењето на пожарите.“ - изјави Кирјакос Мицотакис – премиер на Грција.

Од селата кои се на удар веќе се евакуирани стотици луѓе кои таму сакале да го поминат годишниот одмор. Некои од нив сведочат за тешките моменти кои ги преживеале додека брзале да ги напуштат местата.

- Дојдовме на одмор, но за жал толку ќе биде. Ова е страшно. Се ќе биде опустошено.

- Пламените јазици брзо зафаќаат големи површини. Огнот брзо се шири, верувам дека храбрите пожарникари ќе ја добијат битката.

Пожарите во Грција беснеат неколку дена, а освен човечки ресурски, ангажирани се и шест авиони и седум хеликоптери. Грција секоја година во летниот период се соочува со шумски пожари, и властите постојано апелираат јавноста да биде особено внимателна и да не презема активности на отворено кои се потенцијална опасност за пожари.

0 Коментари

Остави коментари