ВО АЕК ПЛАТИТЕ ЌЕ РАСТАТ, ИАКО ПРОСЕКОТ Е 58.000 ДЕНАРИ
Foto

ВО АЕК ПЛАТИТЕ ЌЕ РАСТАТ, ИАКО ПРОСЕКОТ Е 58.000 ДЕНАРИ

На само десетина дена пред крајот на 2018, Агенцијата за електронски комуникации донела одлука да ги зголеми платите на вработените од јануари годинава, но тоа се обиде да го сокрие од јавноста. Телевизија 24 дојде до записникот на Комисијата што управува со АЕК, која на 19 декември заклучила дека платите на вработените се непроменети од 2015 година и треба да се зголемат иако просечната плата во регулаторното тело изнесува дури 58.000 денари.

- „Членовите на комисијата во соработка со службите на Агенцијата ја разгледаа одлуката за утврдување на висината на основната плата на вработен во АЕК, која се утврди дека е донесена во јуни 2015 година. Но во меѓувреме просечна месечна исплатена нето-плата по вработен на ниво на Македонија се зголемила за 9%, па Комисијата донесе одлука за промена односно зголемување на платите на вработените за 5% и тоа со важност од 01.01.2019 година“ - стои во записникот на Комисијата на АЕК.

Но Агенцијата за електронски комуникации донела одлука годинава да ја зголеми ставката за плати, не за 5проценти како што стои во записникот, туку за цели 20 насто. Телевизија 24 веќе побара објаснување од АЕК, но од таму ја сокрија информацијата, со образоложение дека ставката за плати е направена согласно систематизацијата и правилникот за плати, како и потребата од нови вработувања.

Но според записникот, АЕК планира да преземе само еден административен работник од друга институции. Не се најавени нови вработувања.

На ваквата одлука реагираа невладините организации кои се запрепастени од високите плати што ги земаат вработените во Регулаторното тело. Со покачувањето од 20 насто во просек секој вработен би добил дополнителни 10.000 денари и просечната плата ќе се искачи на фантастични 1.100 евра. Со ваквата пресметка вработените во Агенцијата ќе имаа плати повисоки од министерите во Владата.

0 Коментари

Остави коментари