ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа предлогот Вилма Русковска да го води новото обвинителство
Foto

ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа предлогот Вилма Русковска да го води новото обвинителство

Спојувањето на СЈО со Јавното обвинителство е прифатливо за ВМРО – ДПМНЕ, но не и предлогот на премиерот Заев на чело на новото обвинителството да застане актуелната шефица, Вилма Русковска. За опозицијата не може новиот обвинител да биде личен избор на претседателот на Владата.

„Во однос на предлогот на нов практично Јавен обвинител како што го нарече Специјален јавен обвинител, Вилма Русковска, Зоран Заев уште еднаш ја потврди спрегата помеѓу СДСМ, него и Русковска обвнителството, односно уште еднаш потврди дека неговиот предлог за нов обвинител, наместо Катица Јанева е негов личен избор, односно човек кој што целиот изминат период работел за интересите на СДСМ и на оваа Влада“. - изјави Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на деталите на законот, од ВМРО- ДПМНЕ велат дека забелешките ќе ги дадат откако ќе направат целосна анализа на предлог решенијата. Од владејачката СДСМ пак тврдат дека сите случаи на СЈО ќе ги продолжи и ќе ги застапува новото јавно обвинителство.

„Секој што го прекршил законот, без разлика на партиска или било каква друга припадност, ќе се соочи со правдата. Затоа, како што најави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, идната недела до Собранието на Република Северна Македонија Владата ќе предложи нов текст на Законот за Јавно Обвинителство.“ - велат од СДСМ.

На партиите и во власта и во опозицијата им одговара да не постои СЈО, а законските решенија се фино осмислени за да се прекинат постапките за функционерите, вака дел од експертите го коментираат новото законско решение. Според нив, спојувањето на СЈО со Јавното Обвинителство е лошо решение бидејќи се губи независноста и самостојноста на специјалните обвинители, кои беа формирани како посебна институција токму поради нефункционалноста на Јавното обвинителство.

„Треба СЈО да постои додека не се средат односите во политиката наша, но очигледно е дека партиите и на власт и во опозиција не сакаат да постои СЈО, штом го укинуваат, затоа и носат такво законско решение. И сега може одделението за организиран криминал да води постапки за нив, меѓутоа не го прави тоа, очигледно е затоа што одделението за организиран криминал има свој раководител - тоа е сега Вилма Русковска, ама таа има и шеф, републичкиот јавен обвинител, тој може да каже не може таму да се гони, она мора да постапува, што значи самостојноста ја нема, а за разлика од тоа, во СЈО имаше самостојност, свој, буџет, свои истражители - овде нема да може такво нешто“. - вели адвокатот Јован Јоанидис.

Дел од експертите велат дека и самото СЈО не успеа да ја оствари целта за кое беше формирано и да ја оправда довербата кај граѓаните. Дел од причините ги гледаат во законите, кои како што велат временски ги ограничија специјалните обвинители, но дел од причините ги гледаат и во самата институтција.

„СЈО не ја одигра својата улога како што требаше да ја одигра. Не беше проблемот да се гони Сеад Кочан, тоа не е формирано за Сеад Кочан, за Латас и за Ивона. Тоа е формирано за политичарите, не за стопанствениците, за нив си постои и онака редовно обвинителство кое може да ги гони кога и каде сака, ако има основани сомненија и докази... Ова сега значи дека сите докази што постојат односно бомбите кои што беа извор и основи за сомнение дека е сторено некакво кривично дело не важат, ако не важат, што важи тогаш, што правиме тогаш кон народот?“ - вели адвокатот.

По неуспешниот обид да се одржи лидерска средба, вчера премиерот Заев го обелодени новиот предлог закон за јавно обвинителство, за кое како што рече следната недела ќе биде испратено до Собранието. Премиерот Заев е убеден дека ќе го добие потребното двотретинско мнозинство за за изгласување на новото законско решение.

0 Коментари

Остави коментари