Власта очекува поддршка од опозицијата за законот за ЈО, опозицијата и натаму инсистира на предвремени избори
Foto

Власта очекува поддршка од опозицијата за законот за ЈО, опозицијата и натаму инсистира на предвремени избори

Нов текст на законот за Јавно обвинителство, со кој се предлага Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, беше презентиран вчера од страна на премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата. 

Премиерот Заев најави дека следната недела во Собранието ќе биде предложен новиот текст на законот за Јавно обвинителство, во кој се вградени оние точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи и кои се прифатливи за сите, ако не за најголемиот број пратеници.

Со законското решение се предвидува новото СЈО да се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. На чело на новото СЈО е предложена Вилма Рускоска, која во моментов го води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.

Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. На овој начин, вели премиерот, ќе се обезбедат досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството. Тие одлуки ќе ги носи Советот за јавни обвинители.

Сите случаи кои се пред судовите, а се во надлежност на СЈО ќе ги застапува новото обинителство во фазата во која се застанати. Останатите вработени во СЈО, истражителите, архивата, материјалите, средствата, опремата преминуваат во новото обвинителство.

Висината на средствата за работа на ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција ќе се уредува на предлог буџет и финансиски план на шефот на оваа институција, кој потоа се доставува до Министерството за финансии, а Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа.

0 Коментари

Остави коментари