Власта и опозицијата во клинч околу судбината на СЈО
Foto

Власта и опозицијата во клинч околу судбината на СЈО

Власта е ЗА, опозицијата ПРОТИВ Катица Јанева да остане на чело на Специјалното јавно обвинителство – извори од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека коалициските партнери СДСМ и ДУИ инсистираат СЈО да продолжи да функционира со Јанева. Но, од партијата на Мицкоски не попуштаат. Велат дека детално се чешлаат сите детали, но за решавање на прашањето за СЈО – не се оптимисти. Покрај главното барање СЈО да стане одделение во обвинителството за организиран криминал и да не се дозволи сами да си го одредуваат годишниот буџет, бараат да се стопираат истрагите отворени после 30 јуни 2017.

- „Се разговара за принципите за работа. Ако не се договорат тие принципи нема да се навлезе во материјалната суштина. Затоа очекуваме да се договорат принципите на наредните средби за потоа материјално да навлеземе во суштината.“ - изјави Владо Мисајловски – ВМРО ДПМНЕ.

Власта веднаш ги отфрли барањата на опозицијата бидејќи според нив ќе се стопираат сериозни постапки, а со тоа ќе се изврши амнестија. Официјално велат дека опозицијата треба да се залага за натпартиски интереси.

- „Јас можам само да порачам дека треба да се издигнеме над теснопартиските интереси во интерес на воспоставување на правна држава и независни правосудни органи. Останува на Вмро Дпмне да размислат дали навистина ќе се водат за ЕУ интеграција или ќе останат како досега на страна на криминалот.“ - изјави Костадин Костадинов – СДСМ.

За два дена забелешките на опозицијата ќе станат амандмани на Законот за јавно обвинителство, а ден потоа ќе има нова рунда меѓупартиски преговори. Решавањето на статусот на обвинителствата е еден од клучните реформи во правосудството за исполнување на препораките за добивање датум за почеток на преговори за Европската Унија. За овој закон е потребно двотретинско мнозинство во Собрание.

0 Коментари

Остави коментари