Какви очекувања имаат граѓаните од политичките партии за предстојните парламентарни избори годинава? Владеење на правото, образованието и здравството се трите приоритети на кои треба да се фокусираат политичарите во изборните програми за априлските избори, покажа анкетата што ја направи невладината „Фајнанс тинк“. Таму стои и дека повисоките плати се дури на четврто место по важност. Но тоа не е изненадување за невладиниот сектор.
„Ваквиот избор не е за изненадување имајќи предвид дека неодамнешните резултати покажаа дека имаме уназадување во делот на владеење на правото, но исто така свеста на граѓаните е на едно повисоко ниво. Се адресираат политики, кои треба да ги бараат причините, кои понатаму треба да дадат подобар, поквалитетен живот и повисок економски развој, а тоа се политиките во делот на образованието и здравствените услуги.“ - Благица Петрески, „Фајнанс тинк“.
Анкетата покажува и дека повисоките пензии и социјална помош, и разните субвенции кои беа во фокусот на речиси сите изминати владите, сега стасаа на опашката на приоритети.
„Резултатите се вакви и рангирањето на повисоки пензии, социјална помош и субвенции се на последно место е поради фактот што во изминатиот период значаен дел од политиките беа насочени во овој дел, а истовремено помалку инвестиции имаше во делот на подобрување на квалитетот на образованието, квалитетот на здравствените услуги. И граѓаните ги чувствуваат тие резултати и ефекти на несодведен квалитет.“ - Благица Петрески „Фајнан тинк“.
Интернет анкетата на „Фајнанс тинк“ е спроведена во јануари годинава врз 589 испитаници со вкупно 1760 одговори, со маргина на грешка од 2,12%.
Кампањата на политичките партии за предстојните априлски избори почнува од 20-ти март. Во партиските кујни веќе наголемо се прават подготовки за изборната програма и што ќе им понудат на граѓаните за да ги придобијат нивните гласови.
0 Коментари