Владата треба да ја донесе одлуката за четвртиот пакет економски мерки тежок 350 милиони евра
Foto

Владата треба да ја донесе одлуката за четвртиот пакет економски мерки тежок 350 милиони евра

Мерките од четвртиот пакет се дефинирани. Тој претставува продолжение на претходните три и тежи 350 милиони евра, а одлуката треба денеска на седница да ја донесе Владата.

Во петокот беше одржан последниот состанок на економските тим министри и претставници на стопанските комори, а вчера за пакетот мерки имаше средба вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска со Економско социјалниот совет.

Четвртиот пакет економски мерки опфаќа поддршка за исплата на плати за последниот квартал на годината, платежни картички за одредени категории граѓани на кои помошта им е најпотребна, грантови за најпогодените сектори, намалување или укинување на парафискални давачки, зголемување на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД 1 и дополнително одложување на отплата на кредитите од компаниите.

-Тежок е 350 милиони евра и е продолжение на претходните три пакети и сублимирање на анализите направени преку консултациите со сите засегнати чинители во општеството, со цел опфатот во овој пакет да биде насочен кон поддршка и помош на најпогодените сектори и категории на граѓани, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на одржаната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) во Владата.

Од страна на членовите на Економско-социјалниот совет, е констатирано дека четвртиот пакет економски мерки е доста обемен, со оглед на тоа дека се опфатени и компаниите со цел поддршка за нивен опстанок во време на корона пандемијата, задржување на работните места и поддршка на граѓаните и дека вклучува поддршка и помош за најпогодените сектори и категории на граѓани.

Од содржината на четвриот пакет мерки задоволство изразија и стопанските комори, кои имаа средба со премиерот Зоран Заев и економскиот тим министри завчера на која им беше презентиран сетот мерки.

Од вкупно околу 350 милиони евра, 264 милиони се обезбедени од Буџетот на државата и околу 85 милиони како исклучително поволни дополнителни кредитни линии.

Мерките како што е  нагласено на средбата  се континуитет на претходните и дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се приспособува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните од најпогодените категории.

Претставниците на стопанските комори во земјата на средбата изразија задоволство што и овој пат беа вклучени во креирањето на мерките и што голем број од нивните сугестии и предлози се опфатени во овој четврт пакет за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19.

0 Коментари

Остави коментари