Министерствата за економија и за животна средина ја разгледуваат можноста оваа година да го зголемат еколошкиот стандард и да се забрани увоз на возила кои се под ЕУРО 5 стандард на емисија на издувни гасови. Тоа би значело дека нема да може да се увезуваат и да се регистрираат возила постари од 2009 година.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека одлука сè уште нема, но можноста се разгледува со цел да се намали загадувањето. Паралелно се најавуваат субвенции за ставање на плин и купување на хибридни возила.
Просечна старост на возениот парк во земјата во 2019 година изнесувала 19,3 години. Но состојбите се подобрија лани кога се донесе новиот Закон за данок на моторни возила, со кој се зголемија даноците за возилата што повеќе загадуваат. Според податоците на Царината опаѓа увозот на половни возила. Лани во земјата влегле нешто над 29.052 автомобили, од нив над 82 отсто биле половни, а само 2% се постари од 2013 година.
Доколку власта ја донесе новата мерка, тоа би значело и поскапи возила на плацевите. Најниската цена на оние со ЕУРО 5 стандард сега е 4 500 евра.
Но екологистите уверуваат дека бенефитот за животната средина ќе биде огромен. Понови возила значи почист воздух, но и побезбеден сообраќај, помалку жртви и сообраќајни несреќи. Од МВР велат дека 2020 е со најниска бројка на загинатии во историјата на државата, 115.
2019 -132
2018 -133
2017 -155
2016 – 165
2013 - 198
Најцрна била 2013 со 198 загинати.
Обединетите Нации даваат загрижувачки податоци за извозот на автомобилскиот крш во неразвиените земји и земјите во развој, меѓу кои е и Македонија, со посебен акцент на загадувањто.
Дека возилата влијаат врз квалитетот на воздухот покажа и истражувањето на Центарот за климатски промени со кое се потврди дека во време на карантинот во Скопје сме дишеле далеку помалку отровни честички.
0 Коментари