Владата го усвои ребалансот на буџетот: Фискален простор за нови мерки, повисоки плати и пензии

Нови, дополнителни 76 милиони евра во случај да се потребни нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка за фирмите, дополнителни 52 милиони евра за земјоделците, покачување на пензиите и платите на наставниците, како и субвенции за покачување на минималната плата. Ова се обезбедува со ребалансот на Буџетот, усвоен од Владата, а кој го презентираше во јавноста министерот за финансии Фатмир Бесими.

Вкупните приходи со Ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9% повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16,1 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Односно, 24,2 милијарди денари се дополнителните расходи, од кои 4,2 милијарди денари за зголемување на пензиите се реализира од ПИОМ, и 4 милијарди има кратење во буџетот со ребалансот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.