Висок е процентот на заразени без симптоми, во болниците се 14 отсто од вкупниот број заболени
Foto

Висок е процентот на заразени без симптоми, во болниците се 14 отсто од вкупниот број заболени

Вкупниот број на потврдени со КОВИД-19 од почетокот на епидемијата до вчера се искачи на 4157, а на починати е 193. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа евидентирани 103 нови случаи со вирусот од 841 направено тестирање, а пет пациенти починаа. Активни има 2241 случај.

Најголем број од новите случаи (46) се во Скопје. Ново жариште во изминатите пет дена стана Ресен со 19 дијагностицирани лица, а првите  потекнуваат од семејна прослава. Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше дека само со одговорно однесување ќе се намали бројот на заразени, но и  за да се намали притисокот врз здравствените институции што ги третираат заболените од вирусот за да може што поскоро да бидат отворени сите болници и клиники за потребите на граѓаните.

Поради бранот на новозаразени во изминатите неколку дена, прекината е редовната програма на хронични интервенции во болниците, се извршуваат само итни и неопходни со примена на сите заштитни мерки.

Без одговорно однесување и почитување на мерките, рече Филипче, и враќање на  рестриктивните мерки нема да биде добра опција зашто  секое следно нивно попуштање, како што рече, повторно ќе нè соочи со зголемен број заразени, ќе нè враќа на почеток и состојбата нема да може да се нормализира и стабилизира.

Во болниците вкупно се хоспитализирани 318 пациенти, т.е. 14 отсто, а 86 отсто се лекуваат во домашни услови. Дополнителен капацитет ќе има и со монтажната болница која е целосно подготвена и достапна за лекување на пациентите со коронавирус.

-Факт е дека се соочуваме со силен бран на епидемијата. Тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика кои се наоѓаат на домашно лекување рече Филипче и соопшти дека има и кревети и опрема, но дел од  медицинскиот персонал е во изолација и се надополнува си ротација и со засилување од други градови.

Поради високиот број на заразени, сè уште на неодредено време остануваат затворени градинките. Министерот рече дека не може точно да каже кога ќе почнат да работат и дека неделно се анализираат податоците и во Владата ќе се разговара и за нив, и за ослободување на рестриктивните мерки што важат за голем дел други затворени економски оператори и за кои има соодветни протоколи за да почнат да работат.

– Градинките сè уште не може да ги отвориме, бидејќи сакаме да ги заштитиме децата. Училишната година заврши, апелирам до родителите да им укажат дека треба да носат маски и да не се групираат, иако младите поретко заболуваат и сè најчесто асимптоматски, но ја шират заразата, рече Филипче. 

И за изборниот процес, исто така, има протокол за безбедност на сите учесници и тој се темели на медицински и епидемиолошки аргументи, рече министерот, додавајќи дека стојат на располагање за соработка  со Државната изборна комисија (ДИК) за безбедно да се спроведат изборите и ниеден учесник да не биде доведен во ризик.

0 Коментари

Остави коментари