Викендов се носи одлуката за четвртиот пакет мерки, фокусот е на стопанството и граѓаните
Foto

Викендов се носи одлуката за четвртиот пакет мерки, фокусот е на стопанството и граѓаните

Дебатата за мерките во четвриот пакет за поддршка на стопанството и граѓаните се затвора. Вчера се одржа финалната средба со стопанските комори на министрите од економскиот ресор, а денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и мистерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска треба да се состанат со Економско-социјалниот совет. Одлуката, за мерките што ќе ги содржи четвртиот пакет, Владата треба да ја донесе утре на седница и да ја соопшти на јавноста.

Мерките како што најави вчера премиерот Зоран Заев се однесуваат на периодот до крајот на месецот, односно за октомври, ноември и декември.

– Верувам дека ќе опфатиме мерки за трите месеци од годината и оти имаме простор до 15 октомври да ги донесе Парламентот, потенцира Заев и појасни дека дел од нив ќе се спроведуваат со одлука на Влада, за дел треба одлука од Парламентот, но оти очекува во Собранието да поминат до 15 октомври.

Неговата оценка е дека буџетот е во кондиција и дека Владата во моменов е фокусирана кон  поддршка на економијата, работните места и посиромашните граѓани, затоа што, како што рече, само така може да очекуваме идни приходи во буџетот, со задржување на работните места.

Засега мерките се предвидени за до крајот на годината, а за нови, најави, дека ќе се разговара во декември.

– Рационални сме во одлуките. Не смееме да носиме одлуки од сега до март. Носиме одлуки во рамки на една буџетска година. Веројатно во декември ќе развиеме следни пакети за од јануари до март, април, мај до кога ќе бидат и предвидувањата, рече Заев.

Од СДСМ, вчера, исто така, наведоа дека се подготвува пакетот антикризни мерки за граѓаните и компаниите.

-Владата предводена од СДСМ, во првите недели од избувнувањето на пандемијата со коронавирусот, реагираше веднаш со суштински мерки и политики за ублажување на негативните последици врз економијата.  Во рамките на мерките за помош за стопанството, со бескаматната кредитна линија КОВИД-1, преку Развојната банка, во стопанството се вбризгани свежи финансиски средства од 5 милиони евра на 737 компании, кои вработуваат над 6.509 лица, од најпогодените сектори: туризмот, угостителството и транспортот на патници, кои беа први на ударот на кризата, наведуваат од СДСМ.

Додаваат дека преку Развојната банка пласирани се кредитна линија КОВИД-2 во износ од 8 милиони евра, кои се одобрени за 639 домашни компании во кои работат 11.325 лица.

-Со двете кредитни линии, низ отворен, инклузивен процес, беа поддржани над 1.300 домашни компании, а најголем дел од нив се микро претпријатија, кои вработуваат до 10 лица, истакнуваат од СДСМ од каде потенцираат дека поддршката за стопанството не застанува тука.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, власта нема стратегија да се справува со економските последици од економската криза.

-Тоа што економијата падна за 12,7 отсто за само три месеци, тоа што над 40 илјади лица останаа без работа, тоа што власта создаде една милијарда нов долг, не е доволно да се откажат од своите политики купи ден, помини, оценуваат од оваа опозициска партија, од каде наведуваат дека се поминати три месеци од изборите, а власта се уште нема понудено чертврт пакет мерки за стопанството.

0 Коментари

Остави коментари