Велика Британија и Италија го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во НАТО
Foto

Велика Британија и Италија го ратификуваа протоколот за членство на Македонија во НАТО

Италија и Велика Британија станаа 23 и 24 земја кои дадоа зелено светло за Македонија во НАТО.

Откако протоклот најпрвин помина во Долниот дом на Парламентот – денеска италијанскиот Сенат го ратификуваше Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО. По Италија, потпис на документот стави и британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб.

„Со големо задоволство денеска го потпишав Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО заедно со амбасадорката А. Миовска. Со нетрпение очекувам Северна Македонија да пристапи кон семејството на НАТО и да присустува на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон и да помогне во промоција на меѓународниот мир и безбедност.“ - напиша на Твитер Раб.

„Благодарам Италија. Убав ден и благодарност до Велика Британија.“ – веста на социјалните мрежи ја сподели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

По Италија и Британија, остануваат уште 5 земји кои треба да го ратификуваат Протоколот. Очекувањата се дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите земји и со тоа членството во НАТО ќе се официјализира пред Самитот на Алијансата, закажан за 3 и 4 декември во Лондон.

Оваа недела треба да се изјасни Националното собрание на Франција, а процесот треба да заврши и во Холандија и Исланд. Според праксата досега вообичаено е Сенатот на САД последен го ратификува, но поради ситуацијата во Шпанија, се уште не е познато кога ќе биде закажана седницата на Горниот дом на американскиот Конгрес.

Двата дома на шпанскиоот Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември. Па оттука останува неизвесно дали ратификацијата ќе се случи и во шпанскиот Парламент, пред Самитот.

0 Коментари

Остави коментари