Велешани гледаа кино од своите автомобили
Foto

Велешани гледаа кино од своите автомобили

Ниту дождливото време не ги предомисли велешани синоќа во огромен број да го посетат првото „Драјв ин синема“ или кино на отворено во земјава, кое се случи во Велес. Стотина возила паркирани на паркингот пред голем супермаркет во Велес направија слика, која досега сме имале прилика да ја гледаме само на филм.

А токму филмот беше причината за собирот. Се проектираше холивудскиот блокбастер „Судар“, а посетителите имаа прилика да го доживеат интимно, слушајќи го звукот на филмот на радијата во својот автомоблил. 

Но, токму кога требаше да почне филмот, дождот се закани да ја расипе забавата. Сепак, организаторите успеаја да ја прилагодат проекцијата на условите, па првите сцени од филмот на големото платно се појавија точно во закажаниот термин. Велешани се презадоволни, што во овој период на корона-криза, кога забавата е речиси сведена на нула, се случува нешто што ќе ги оттргне од секојдневието и ќе им понуди убава разонода во летните вечери.

Организаторите од Младинското здружение „Транспарент фјучр“ се задоволни од одзивот и ветуваат дека ова нема да биде единствената проекција на филм.

Идејата на овие млади луѓе е да продолжат со проекциите во текот на целото лето и да овозможат забава за сите генерации.

Првото Drive In Cinema го помогнаа повеќе компании од Велес, а поддршка доби и од Општина Велес. По повеќе од 20 години, Велес наскоро треба да добие и кино сала со современа кино опрема.

0 Коментари

Остави коментари