Вартоломеј: Историски момент е отстранувањето на повеќедецениската шизма

Иако навидум ништо не се случуваше последните години помеѓу македонската и српската црква, интензивна дипломатија за решавање на канонскиот статус на МПЦ, далеку од очите на јавноста, постоела цело време.

Ова го откри и Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за грчката национална телевизија. Тој вели дека Архиепископот на Албанија Анастасиос бил медијатор во спорот, но не успеал да ги приближи двете цркви, по што се откажал.

Вчерашниот благослов на српската православна црква за автокефалност на МПЦ ОА, патријархот Вартоломеј го нарече историски момент, а признавањето на МПЦ од страна на Цариградската патријаршија само ја олеснила одлуката, СПЦ да и додели автокефалност на македонската црква. Сепак, Вартоломеј повтори дека одлуката на Цариград е во името на црквата да ја нема придавката „македонска“.

Се огласи и Руската православна црква, која го поздрави признавањето на автокефалноста на МПЦ – ОА.

„Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок.“

Признанија за добиената автокефалност до Синодот на Македонската православна црква и до нејзиниот поглавар г.г. Стефан пристигнуваат од сите страни. Премиерот Димитар Ковачевски денеска лично му го предаде писмото со честитки од името на Владата. Во него тој му признава на архиепископот дека го избрал единствениот пат за решавање на заслужениот статус на МПЦ-ОА и дека со радост и без најмала воздржаност ќе ја дочека заедничката служба со претставниците на останатите православни цркви во седиштето на Цариградската патријаршија, со која ќе се прифати МПЦ-ОА како рамноправна сестринска црква.

„Бидете горди и радувајте се затоа што на Вашата генерација ѝ припадна честа и подвигот МПЦ-ОА, како наследничка на древната Охридска Архиепископија, да биде впишана како автокефална, еднаква со сите други, во диптихот на Вселенската Патријаршија во која се запишани сите канонски православни цркви во светот.

По вчерашниот благослов за автокефалност од српската црква, сега треба на ред се техничко - организациски детали околу барањето до Вселенската патријаршија, која треба да го издаде Томосот за автокефалност на МПЦ ОА. Тоа практично ќе значи возобновување на автокефалноста, укината од турскиот султан Мустафа трети, пред 255 години.