Уште два дена до крајот на изборната кампања
Foto

Уште два дена до крајот на изборната кампања

До крајот на изборната кампања преостануваат уште два дена, а лидерите на најголемите политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со сличен став во однос на обединување на граѓаните, но со критички настроени едни кон други. Зоран Заев повика на обединување за спокоен и квалитетен живот, со цел да се остави режимот во минатото. Христијан Мицкоски, пак порача дека нема да ги двојат граѓаните според политичката партија и оти сакаат да бидат нивни сојузници и пријатели.

Од вчерашните митинзи во Демир Капија, Росоман и Гевгелија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев порача дека Обединети – напред е единствениот концепт што во себе го носи капацитетот да го остави режимот во минатото.

– Обединети – напред е единствениот гарант за спокоен и квалитетен живот на секој човек во нашата, заедничка држава, Република Македонија, рече Заев.

Тој вели дека имале храброст да ги решат сите досега отворени прашања, но и покажале дека се патриоти.

– Го заштитивме и македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Признаени сме од целиот свет, членка сме на НАТО, европски и економски исправена. Платите и пензиите растат. Сите плати за најмалку 6.000 денари се покачени за четири години, а само во последните шест години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа 1.740 денари, додаде Заев.

Оцени дека ова не е борба само за тоа дали ќе победи СДСМ или ВМРО ДПМНЕ, туку е борба за обезбедување на иднината и правецот по кој ќе се движи државата. Додаде дека се тоа што е реализирано во изминатите четири години наспроти 11-те години под режим претставува јасна разлика меѓу концептите на власта и опозицијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека не е важно кој е поддржувач на СДСМ, ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека сакаат да им помогнат на сите во развивање на бизнисот и креирањето на нови работни места.

– Нема да дозволам во животот додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ некој така да постапува со луѓето. Мојата цел е да излезам со платформа пред граѓаните, изјави Мицкоски во вчерашното гостување во емисија на ТВ Шења.

Тој заклучи дека народот живее лошо и е незадоволен од реалноста. И поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ја доби на овие избори, според Мицкоски е реткост за опозиција да добие таква поддршка.Фокусот на вториот изборен круг продолжува да биде насочен кон кандидатите за градоначалници на главниот град, Петре Шилегов од СДСМ и независната кандидатка Данела Арсовска. Покрај презентирање на програмите, тие продолжуваат и со меѓусебните обвинувања.

На вчерашната прес-конференција, Шилегов обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата гледаат на градот како на политички плен, а не како на град на граѓаните. Тој истакна дека скопјани не заслужуваат Арсовска да лаже за државјанството и оти е склона кон криење факти од јавноста.

– Сериозно се доведува во прашање нејзиниот интегритет и чесност како можен градоначалник на Скопје. Тоа е клучното прашање кое сега треба да си го постават и граѓаните и медиумите, вели Шилегов.

Од скопски Сарај, тој порача дека изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи.

– Скопјанки и скопјани, вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Да се обединиме затоа што развојот на Скопје не смее да запре, рече Шилегов.

Независната кандидатка Арсовска пак вчера порача дека Скопје повторно ќе биде град на соживот, соработка и солидарност.

– Ќе биде град во кој ќе нема заборавени населби и населени места. Скопје ќе има ред во сообраќајот. Достапен и ефикасен јавен превоз. За сите населени места во општина Сарај ќе донесеме посебна програма со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми во делот на инфраструктурата, најави Арсовска.

Дел од градоначалниците кои победија во првиот круг од локалните избори вчера ги презедоа функциите, со што почна да тече нивниот четиригодишен мандат. Тие ветија дека ќе ги реализираат работите што се дел од програмата.

На седницата на Државната изборна комисија беше донесено Решение за повторување на гласањето на Избирачко место 0543, Дебар, за избор на членови на совет на Општина Дебар и избор на градоначалник на Општина Дебар и Решение за повторување на гласањето за избор на членови на совет на општина Шуто Оризари и совет на Град Скопје, на Избирачко место 2957/1 Шуто Оризари, откако претходно Управниот суд ги уважи тужбите на овластените подносители на приговорите кои Државната изборна комисија ги одби за овие избирачки места.

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври (недела). СДСМ има вкупно 32 кандидати во општините и Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини. 

0 Коментари

Остави коментари