Усеини за ТВ24: Расправајте се со други дивоградби
Foto

Усеини за ТВ24: Расправајте се со други дивоградби

„Ве молам оставете ме на мира, да не бидам безобразен. Расправајте се со други дивоградби“.

Ова е коментарот на советникот од Општина Охрид, Нефи Усеини на прашањето на ТВ 24 зошто со свечена церемонија синоќа ја отвори пицеријата, која е дивоградба лоцирана кај Чинарот во Охрид, за која има и решение за рушење? И зошто како советник не ги почитува ниту решенијата на инспекторите, ниту законите?

Црвената лента на церемонијата ја пресече неговиот партиски другар од ДУИ градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Мерко денес ни спушти слушалка и не одговори зошто како градоначалник сечел лента на објект дивоградба. На отварање присуствуваа и повеќе јавни личности од политичкиот живот во земјава. По сечењето на лентата од Мерко, забавата продолжи со десетминутен громогласен огномет.

Денес молк и од градоначалникот на Охрид, Георгиевски. Тој не одговори ниту на нашите повици, ниту на пораките зошто дозволи да се отвори објектот на неговиот советник, за кој во повеќе наврати најави дека ќе се руши. Георгиевски само пред неколку дена во емисијата на ТВ 24 Тренд Анализа беше категоричен дека објектот ќе се третира како и сите дивоградби, односно ќе се отстрани.

„Последен контролен записник имаме мислам од 26-ти ан состојбата. И покрај донесените акти од страна на инспекторот, инвеститорот таму продолжил со градба. Тоа е негова да речеме одговорност. Тука станува збор за дива градба која ќе биде третирана исто како и сите други.

Тоа значи?

Ќе се отстрани.

Не може да биде легализирана зошто имаме записник од инспектор.“ - изјави Георгиевски.

На 25 март Општина Охрид му даде рок од десет дена на Усеини сам да ги урне металната конструкција и платформата на која е поставена таа оти нема одобрение за нивно поставување, ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

Усеини пак неодамна со вербални закани се заканил и на инспекторите кои дошле да ја стопираат градбата, за што бил пријавен од инспекторот и бил повикан да даде изјава во охридската полиција.За него има и пријава од неговиот колега советник на Беса Џемал Мена кого го натепа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција го повика премиерот Заев и градоначалникот на Охрид, Георгиевски, да одговорат дали тие ги штитат дивоградбите на Усеини. Покрај пицеријата тврдат, на Усеини е и бетонската база на крајбрежјето на езерото. Заев пак најави дека дивоградбите ќе се рушат, ако не ги сруши општината, тоа ќе го направи државата. Денеска од Владата пак прашани за Усеини, одговорија дека активно ја следат состојбата со дивоградбите во Охрид, и ќе постапат согласно препораките на УНЕСКО.

Инаку, оваа дивоградба е една од тие на списокот за кои и УНЕСКО побра да се рушат, поради што Охрид за малку ќе завршеше од заштитени на листата на загрозени подрачја.

0 Коментари

Остави коментари