Уметникот Ацо Филиповски во монографија го претстави неговиот животен и ликовен пат
Foto

Уметникот Ацо Филиповски во монографија го претстави неговиот животен и ликовен пат

Живата легенда на мавровското село Никифорово, академскиот ликовен уметник Александар Ацо Филиповски го преточи својот животен пат во монографијата која неодамна излезе од печат. Во неа е преточен животниот и ликовниот пат на Филиповски и сето тоа збогатено со над 600 репродукции од неговото богато ликовно творештво.

Монографијата содржи најситни детали од животот на уметникот кој во својата кариера има направено околу 1.600 дела, и тоа масла, акварели, графики и цртежи.

ТВ24: Што за вас претставува оваа монографија?

Филиповски: Монографијата за мене е многу голема работа, ова претставува патувачки музеј. Во неа се поместени 600 репродукции, избор од моето творештво, едно заокружено творештво, кој сака да ме види, со оваа монографија може да ги види и моите почетоци и моите резултати. Од моето творештво сум задоволен, задоволството е релативна работа. Затоа се прават тие монографии, остануваат како наследство за идните генерации. Мене кога ќе ме нема еден ден, ова останува како моја лична карта, како мој пасош. Книгата е меморија, нема заборав.

ТВ24: Од каде ја црпите креативноста за вашите уметнички дела, велите 60 години се занимавате со уметност?

Гледајќи низ карпите, моето село, веројатно од таму се црпи креативноста, едно чудо карпи има. Има едно место со мноштво на карпи, го викаме „Црн Камен“. Гледајќи честопати ќе наидам на неверојатни портрети во карпите, на возрасен човек, на старец со брада, на некое дете, на некое животно, просто сум се чудел од каде сега ова. Ликот е толку препознатлив, не е тоа некоја конкретна личност, меѓутоа човечка личност. Тоа уште повеќе ме иритираше да навлезам уште повеќе во моето творештво и сега јас намерно го воведувам ликот некаде повеќе, некаде помалку, се со цел да му го продолжам живеењето. Тој иако е во каменот, не е згрчен, не енабиен, не е морбиден, тој е спокоен, како да си ужива. Отшумено време претворено во тишина. Тишина која зборува.

ТВ24: Дали сте се уште активен, дали се уште сликате и кои се вашите планови во иднина?

Филиповски: Се уште сум активен иако годините не се малку, јас сум сега веќе на полни 83 години. Се уште главна преокупација ми е каменот. Не обичен камен, тој камен кај мене се претвори во скапоцен камен, а тоа е веќе друга работа.

Во монографијата која, според авторот претставува негова лична карта, има и негови видувања за уметноста, за општествените прилика, за животот и за неговата главна преокупација во делата, каменот.

 

0 Коментари

Остави коментари