Учениците ширум светот губат голем број на часови поради пандемијата
Foto

Учениците ширум светот губат голем број на часови поради пандемијата

Децата губат огромен број на училишни часови поради корона вирусот, предупредува УНИЦЕФ. Пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк, организацијата постави екран на кој во секоја секунда се менуват бројот на часови кои ги губат учениците секојдневно.

Од организацијата велат дека, децата ширум светот досега загубиле вкупно 1,8 милијарди училишни часа поради пандемијата и мерките за затворање. 

Во меѓувреме, дел од европските држави се подготвуваат за воведување на трета доза од вакцината против Ковид 19. Шведска, каде 76 проценти од населението веќе има примено две дози од вакцината, размислува за оваа опција поради страв дека заштитниот ефект на двете дози не е доволен и дека може да почне да опаѓа.

Уште три региони од северниот дел на Грција од денеска се во црвената зона со полициски час од еден часот по полноќ до шест часот наутро и забрана за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден.

Здравствениот системн во Србија пак е под се поголем притисок, а троцифрен број на новозаболени има во десетина градови. Иако речиси 3 милиони срби имаат примено две дози од вакцината, здравствените власти велат дека тоа се уште не е доволно.

„Она што нас најмногу не загрижува е тоа дека новите заболени главно се млади лица кои не се вакцинирани. Има исклучително тешки случаи. Ние сега се бориме со нешто што требаше веќе да биде решено. Имавме доволно време и вакцини да се вакцинираме. Сега сите заедно ја плаќаме грешката, не само оние кои не се вакцинирани.“ - вели д-р Марија Здравковиќ.

Повеќе од половина од возрасната популација во Австралија е целосно вакцинирана против Ковид-19, соопштија локалните власти кои настојуваат дополнително да го забрзаат процесот на вакцинација за да се олеснат строгите рестриктивни мерки. Земјата во моментов е во екот на третиот бран на зараза со делта варијантата.

Бројот на заразени со коронавирус во светот од почетокот на пандемијата надмина 230 милиони.

0 Коментари

Остави коментари