Учениците од Лисиче учат во бараки од 64-та година – новото училиште го чекаат веќе 4 години
Foto

Учениците од Лисиче учат во бараки од 64-та година – новото училиште го чекаат веќе 4 години

Во монтажни бараки изградени уште во 64-тата година по земјотресот, со руинирани тоалети, испукани ѕидови и тавани, влага во училниците и под што се распаѓа, учат учениците во О.У. „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче. Бараките се буквално пред распаѓање. Родителите на учениците се револтирани што децата учат во субстандардни услови.

„Родителите нормално се револтирани, и повикот е секогаш насочен кон директорката, советот на родители, но и власта која ни замачкува очи. Многу е жално за овие дечиња овде што учат. Учат во многу мизерни услови и покрај тоа што наставниците во координација со родителите се обидуваат да го „нашминкаат“ училиштето. Се надевам дека ќе имаат доблест овие сега кои се на власт да го направат ова училилиште за овие дечиња да можат нормално да учат.“ - вели Владо Гиновски – Претседател на Совет на родители.

Ветувањата за нов училиштен објект датираат уште од времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ВО 2016. Но и по три години од најавите, ново училиште за овие деца се уште нема.

Ова е објектот кој досега требаше да биде завршен и учениците да учат во нови простории и услови, но Министерството за образование го раскина договорот со фирмата и почна одново постапка како и тендери за нови фирми.

Од Министерството тврдат дека изградбата е стопирана поради тоа што фирмата што го градела објектот не ги испочитувала обврските од договорот. Градежните активности велат ќе продолжат дури следната година, откако ќе заврши новата тендерска постапка. 

Откако е добиена согласност од Владата за објавување на нова постапка, МОН истата ја објави на Бирото за јавни набавки и истата е во тек. По избор на најповолен понудувач и склучување на договор ќе продолжат и градежните активности за кои ќе се обезбедат средства во буџетите за 2020 и 2021 година, а проценетата вредност е речиси 59 милиони денари.“ - велат од МОН. 

Во меѓувреме пак родителите сами и од свој џеб даваат пари за да ги реновираат и да ги бојадисуваат училниците за да можат децата да следат настава во попристојни услови.

„Родителите се крајно револритрани. Имаме соработка со нив преку советот на родители. Тие во еден период размислуваа и за бојкотирање на наставата, но ние интервениравме бидејќи не може да биде на штета на учениците и дека треба да се изнајдат други начини за да се делува врз инситуциите. Секое дете заслужува барем оптимални услови во кои што ќе фунцкионира, бидејќи најголем дел од денот децата но и вработените го поминуваат токму во училиштето.“ - вели Јулијана Тодороска - Директорка на ОУ „Димитар Македонски“

Во основното училиште „Димитар Македонски“ учат над 500 ученици од прво до деветто одделение, а со оглед на тоа што тендерските процедури на министертството за образование се уште се во тек, тоа значи дека и оваа учебна година децата од скопско Лисиче ќе учат во субстандардни услови.

0 Коментари

Остави коментари