ТВ24 ЕКСКЛУЗИВНО: МИГРАНТИ ОД АВГАНИСТАН ПО ПОЛОНОЌ ДОЈДОА НА МАКЕДОНСКА ТЕРИТОРИЈА
Foto

ТВ24 ЕКСКЛУЗИВНО: МИГРАНТИ ОД АВГАНИСТАН ПО ПОЛОНОЌ ДОЈДОА НА МАКЕДОНСКА ТЕРИТОРИЈА

Одејќи пеш по железничката пруга, десетина мигранти синоќа околу полноќ стигнаа во Велес. Сакале тивко, далеку од очите на жителите на градот да го поминат и да продолжат кон северната граница. Ги забележала хуманитарката Ленче Здравкин која живее веднаш до пругата и ги повикала во нејзиниот двор. Изнемоштени, нечисти, гладни, жедни и повредени, внимателно ја прескокнаа оградата и ја прифатија нејзината понуда.

Пред повеќе години овие луѓе тргнале од своите родни земји Авганистан и Пакистан во непознато. Стигнале во Турција и оттаму не можеле да продолжат. Се вработиле во локална фабрика, каде што и се запознале меѓусебе.

Откако минатата недела Турција ја отвори границата за мигрантите, тие се едни од ретките кои имале среќа илегално да влезат во Грција, во обид да дојдат до земјите од западна Европа. Овие луѓе во Македонија влегле пред една недела, на диви премини. По дожд и сонце, студ и ветер, пеш, километар по километар го совладувале патот. Целта им е Франција, а до неа планираат да пешачат низ Србија, Босна, па по воден пат до Италија. Велат дека на турско-грчката граница има многу бегалци, но грчките полицајци не дозволуваат никој да премине.

Ленче Здравкин, која веќе пет години им помага на бегалците кои поминуваат покрај нејзината куќа, вели дека овие луѓе се дел од спорадични групи, кои успевале некако да ја поминат границата.

Групата бегалци, млади момчиња на возраст од околу 20 години, немаа зборови со кои сакаа да и заблагодарат на Ленче Здравкин за нејзината хуманост. Направија и по некое селфи за спомен од нивното најголемо и најнеизвесно патување во животот.

Велат дека на нивниот пат до Велес немале проблеми, ниту пак некому дале пари за да ги пренесе преку граница. Сметаат дека во европските земји е мирно и се почитуваат човековите права, нешто што е само сон за нивните родни земји.

Неизвесноста за овие луѓе е уште поголема, откако Србија најави дека херметички ќе ги затвори границите за мигрантите. Но, тие не размислуваат за тоа. Секој поминат километар за нив се само 1000 метри поблиску до нивната ветена земја.

0 Коментари

Остави коментари