Тв 24 во Тетово – колку се почитуваат мерките за заштита од ковид 19
Foto

Тв 24 во Тетово – колку се почитуваат мерките за заштита од ковид 19

Коронавирусот не постои и е измислица за дел од Тетовчани. Велат дека не се плашат и дека станува збор за обичен грип. Ниту маска, ниту држење растојание. Пред банкоматите гужва од граѓани кои стојат еден до друг, на пазарите исто така, а растојание и маски немаше ниту во џамиите. 

– Јас не верувам дека воопшто има корона. Тоа само лажат, нека излезат на медиуми  со слика, нека кажат еве овој човек има коронавирус, бидејќи имаме информации дека умрел човекот, а тие даваат пари само за да се направи дека умрел од коронавирус. 

Нема многу заразени, тоа се е пропаганда, тоа што го кажуваат на ТВ не е точно, некој велат има заразени, некој нема, на кој да веруваш сега? 

Како може да има излечени кога нема уште вакцина? 

Мислам дека не е толку страшно, како секој грип и ова ќе помине.

Друг дел од граѓаните пак се придружуваат до препораките и стравуваат дека вирусот ќе се шири, поради оние кои што не внимаваат. 

Не може ништо со сила, државата кажува мерки, индивдуална одговорност е. Што може да се прави ако се соберат 1 000 души, пушти ги штом не слушаат.  Тетово е многу специфично, не само мерките за короната, тука ништо не се почитува. И други закони не се почитуваат. Еве на пример законот за пушење, тука секаде се пуши. 

Тетово е блиску до жариште, бидејќи не се почитуваат мерките, полицијата преку разглас кажува да се носат маски, ни маски се носат ни ништо.

Стравуваме, но што можеме, ние колку можеме внимаваме...

И додека полицијата од автомобил преку разглас ги моли жителите на Тетово да носат маски и да држат растојание, епидемиолозите предупредуваат дека градот веќе станува ново потенцијално жариште на вирусот. 

Денеска Центарот за јавно здравје ресгистрирал четири новозаразени од кои еден 47 годишен маж починал. Тој бил примен вчера со симптоми на КОВИД 19, а денеска било потврдено дека е позитивен. Според медицинското досие,  имал и други хронични заболувања. 

Епидемиолозите велат дека во најголем дел новодијаностицираните се заразиле бидејќи се собирале во поголеми групи и не носеле маски.

„Тетово станува ново потенцијално жариште затоа што населението не ги почитува мерките од здравствените власти, не се почитува држењето на социјална дистанца, носењето на заштитна маска и гурпирањето на населението, фамилијарните собири се тоа тоа не се почитува....Поголем дел од случаите беа во контакт со заболено лице. Едноставно треба да имаме самодисциплина.“ - вели д-р Зорица Зафировска – Епидемиолог ЦЈЗ Тетово.

Дел од инфектолозите со кои разговараше ТВ24 сметаат дека во ваквите градови кои што се потенцијални жаришта треба да се воведат построги мерки и да се почне со поагресивно тестирање, за побрзо да се изолираат контактите на заразените.   

Според статистиките на здравствените власти досега 14 Тетовчани починаа од КОВИД 19. Во моментов 76 се борат со вирусот, а од почетокот на епидемијата досега вкупно 165 се заразија.

Тетово е шести град во Македонија со најмногу заболени.

0 Коментари

Остави коментари