Тв 24 во обиколка на кризните општини во Скопје: „корона-бизнис, а не вирус“
Foto

Тв 24 во обиколка на кризните општини во Скопје: „корона-бизнис, а не вирус“

Коронавирусот не ги плаши жителите на Шуто Оризари. Во оваа скопска населба раздвижено е и за време на полицискиот час. Дел од жителите велат дека короната е бизнис, а не вирус. Нема ниту еден заболен тука – ни кажаа во анкетата. Повеќе велат ги плаши тоа што немаат пари како да го преживеат месецот.

„Кога ќе видиме полиција бегаме дома. Ова што е корона, ние го викаме корона бизнис, никој не е болен кај нас во Шутка.“

„Може има стварно корона, но луѓето во Шутка имаат поголеми проблеми, немаат работа, немаат за јадење“

Во Топаана пак мораше да интервенира и полицијата. И тука раздвиженост за време на полицискиот час регистрираше нашата камера. Дел од жителите велат дека вирусот е лага, друг дел пак се загрижени дека поради непослушноста на одредени лица, вирусот ќе почне да се шири и бараат поголеми контроли од полициските службеници.

„Ова не е ниту корона, ниту вируси. Значи ние се доближуваме дома на пример, а никако да фатиме корона, особено од Ромите, Шутка, Топаана, зошто не фаќаат? Тоа се лаги, нема корона. Само од Господ ако ми дојде да починам, ќе потпишуваат дека починал од корона. Само од психа може да почине човек, нема корона, ви гарантирам“

„Ако е полициски час треба секој да го почитува, ова е катастрофа значи. Полиција не поминува овде. Се игра фудбал, кој што сака си прави. Овде ако избие жариште, цел град ќе страда и ајде короната, ама видете како изгледа ова ѓубрето, нема ниту канализација, ниту ништо. Тоа е поголема корона и од короната.“

А граѓаните пак кои живеат во станови, велат дома не се доседува, па дел од времето го поминуваат на клупа пред зграда.

„Еве тука на клупа седиме, си правиме муабет“

„Како што гледате држиме дистанца и се дружиме овде за да не ни биде досадно дома, ние сме во зграда, а во зграда од 50-60 квадрати не се доседува и овде пред влезот ќе поседиме 15тина минути и пак ќе се качиме, но не идеме никаде, само овде пред влезот си седиме“

Во Чаир пак откако вчера се сподели видео на социјалните мрежи на кое се гледа дека се играло оро и се празнувало, а се тврди дека тоа било за време на полицискиот час, денеска беше мирно во населбата. Камерата на ТВ 24 забележа празни улици и паркови. 

Скопје останува на врвот на листата со најмногу зарзени. Во моментов над 200 лица се борат со вирусот, а податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека Чаир ,Гази Баба, Бутел и Сарај се со најголем број на заразени.

Според здравствените власти семејните собири и групирањата се главните причини за повторниот пораст на заболени.

0 Коментари

Остави коментари