Тројца починати од коронавирус,15 новозаразени
Foto

Тројца починати од коронавирус,15 новозаразени

Тројца пациенти со коронавирусот починаа на клиниката за инфективни болести во изминатото деноноќие. Четириесет годишен маж од Кочани, кој немал никакви други заболувања и двајца Тетовчани на возраст од 69 и 65 години. Според здравствените власти, едниот пациент имал тумор на мозокот, додека пак другиот немал други заболувања. Уште петнаесет нови лица се дијагностицирани со КОВИД 19.

На инфективната клиника се лекуваат 70 пациенти, од кои 8 се на механичка вентилација додека пак 10 се со потешки симптоми на болеста. Четворица пак се излечени и ќе бидат пуштени од болница, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

„Станува збор за вирус кој не ги напаѓа само белите дробови, туку и сите други органски системи. Таквата е карактеристиката, механизмот на дејство преку еден вид специфични рецептори. Иако повозрасната група на граѓани се повеќе подложни, сепак не е исклучена тешка клиничка форма и кај помладите пациенти и за жал смртен исход.“ - изјави Венко Филипче – министер за здравство.

Меѓу заразените има и 18 деца до 9 годишна возраст, но сите биле со полесни симптоми и немало потреба од долга хоспитализација.

Епидемиолозите побараа нови ограничувања на движењето на граѓаните кои Владата ги прифати. Целта како што велат е да се спречи ширењето на вирусот, со оглед на тоа што следните две недели се очекува да има најголем број на заразени. До сега смртноста во Македонија е под 4 проценти и за да се држи под контрола заразата, неопходни се овие мерки, вели епидемиологот Владимир Микиќ.

„Знам дека рестриктивните мерки секако ќе се примат со доза на недоверба кај одреден дел од граѓани, но едноставно се неопходни. Во овој период немаме друг друг начин, немаме специфичен лек, не постои вакцина, не постои друга мерка која што може да го спречи или ублажи понатамошното ширењето на епидемијата.“ - изјави д-р Владимир Микиќ – Институт за јавно здравје.

Според дел од направените студии во светот – населението кое има примено БСЖ вакцина е поотпорно на коронавирусот, но според епидемиолозите се работи за многу рана фаза на испитувања и се уште не е докажано.

Во Македонија првиот случај на корона вирусот беше регистриран кон крајот на февруари. Од тогаш до сега заразени се вкупно 570 лица, од кои 30 се излечени, а 21 се починати.

0 Коментари

Остави коментари