Трамп ја откажа посетата на Полска поради Доријан
Foto

Трамп ја откажа посетата на Полска поради Доријан

Американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа посетата на Полска каде деновиве требаше да учествува на настани по повод 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна.

Откажувањето е поврзано со карипскиот ураган Доријан што утринава достигна ниво од втора категорија, а се очекува утревечер да удри на крајбрежјето на Флорида со силина од трета категорија.

Трамп синоќа изјави дека ќе го испрати потпретседателот Мајк Пенс на негово место во Варшава, со цел да се фокусира на пристигнувањето на ураганот, чија брзина на ветрови се очекува на некои места да достигне речиси 200 километри на час.

Медиумите во САД го нарекуваат „апсолутно чудовишен ураган“.

„За да се осигурам дека сите ресурси на федералната влада се фокусирани на пристигнувањето на невремето, решив да го испратам нашиот заменик претседател Мајк Пенс во Полска овој викенд на мое место“, рече Трамп.

Американскиот претседател рече дека го известил претседателот на Полска за неговиот „највисок приоритет – безбедноста и сигурноста на населението на патеката на ураганот. И дека посетата на Полска ќе биде одложена за блиска иднина.“

0 Коментари

Остави коментари