Тевдовски: „Фич“ ги потврди успешно спроведените фискални политики
Foto

Тевдовски: „Фич“ ги потврди успешно спроведените фискални политики

Кредитната агенција „Фич“ го потврди водењето на успешна фискална политика, посочувајќи ги реформите во системот на јавните финансии како пензиската реформа, системот на јавни набавки и фискалното правило за општините, вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

– Кредитната агенција Фич го потврди водењето на успешна фискална политика. Главно тие ги истакнуваат реформите во системот на јавните финансии, притоа ставајќи акцент на реформата во системот на јавните набавки, пензиската реформа и фискалното правило кое беше поставено на општините. Реформите заедно со стабилизацијата на политичката состојба, „Фич“ посочува дека ја оживуваат економската активност и во извештајот е многу јасно потенциран позитивниот придонес кој се очекува од асфалтираниот пат во НАТО. Ние нема да застанеме тука. За нас е важно да продолжиме со спроведување на реформите, истакнува Тевдовски.

„Фич“ денеска го потврди кредитниот рејтинг ББ за Македонија, откако минатата година го подобри изгледот од позитивен во негативен.

Како што се наведува во извештајот на „Фич“, напредокот во решавањето на проблемот со името со Грција, ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ.

„Фич“ констатира дека подобрената политичка стабилност влијаела на закрепнувањето на економската активност. Се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3 проценти во 2018 на 3,2 проценти во 2019 година и на 3,6 проценти во 2020 година. Се забележува дека се имплементираат подобрувања во управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ и се нотира дека државниот долг од 40,8 проценти од БДП на крајот на 2018 според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји од 47 проценти, додека гарантираниот долг изнесува 8 проценти од БДП.

0 Коментари

Остави коментари