Тензии на протестот за случајот „Монструм“
Foto

Тензии на протестот за случајот „Монструм“

Она што беше најавено и почна како мирен протест против пресудата за случајот „Монструм“ прерасна и заврши со насилни демонстрации.

Причина за ова е што полицијата не им дозволи на дел од демонстрантите да го продолжат протестот пред Кривичниот суд Скопје и да завршат пред Владата како што првично беше најавено од организаторите. Речиси два часа им беа потребни на полициските специјалци да ги растера и неутрализира насилниците за што мораше да употреби и шок бомби.

Според информациите од МВР во демонстрациите се повредени седум полицајци. По нападот на полицајците, реагираше Синдикатот на полицијата на Македонија кој  ги осуди нападите и ги повика институциите да ги преземат сите мерки за соодветно казнување на сторителите.

Освен полицајците на денешните протести беа нападнати и неколку новинарски екипи. Ова повтроно го отвори прашањето за безбедноста на медиумските работници.

Здружението на новинари (ЗНМ) и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) одма и најостро ги осудија нападите на новинарските екипи. Двете здруженија побараа итна реакција на надлежните во изнаоѓање и казнување на полицските службеници кои го оневозможија новинарот на „Слободен печат“ да си ја извршува својата работна задача а воедно да се пронајдат и казнат насилниците во врска со нападот врз екипата на МИА.

А организаторите на протестите, меѓу другото побараа меѓународни експерти да ги преиспитаат случаите „Монструм“, „Алмир“, „Алфа“, „Харун Алиу“ и „Бродец“ а некои од нив побараа од лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ја напушти Владата.

На протестите им се придружија и неколкумина пратеници од опозициската коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива кои ги поддржаа протестите но побараа од демонстрантите да не бидат насилни барајќи ги, како што рекоа тие, своите права. Од коалицијата велат дека полицијата денеска го спречила правото на протест на незадоволните Албанци.

По денешните насилни протести полицијата приведе осуммина од демонстрантите а како што известија од МВР се работи на целосно затворање на случајот.

Ова не е прв протест за случајот „Монструм“. Овој како и сите претходни протести се органзираат поради незадоволството на семејствата на осудените. Во овој случај на доживотна казна затвор беа осудени Халил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. 

На 15, односно девет години казна затвор се осудени Фејзи Азири и Хаки Азири. Самир Љута беше ослободен поради немање доволно докази дека е вмешан во петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година.

0 Коментари

Остави коментари