Телохранителот на Мијалков во бегство откако вчeра пукаше во пријател
Foto

Телохранителот на Мијалков во бегство откако вчeра пукаше во пријател

Детонатор повторно пукна во Кочани. Едно лице со прострелна рана заврши во болница. Како што веќе објави ТВ 24,  Драганчо Стоименов познат како Дaцо Белски вчера во ресторан во Кочани застрела свој пријател. Инцидентот што почнал како караница помеѓу две групи завршил со куршум во пределот на стомакот и раката на Драган Здравев викан Дач. Тој од синоќа е на скопските клиники.

„Увид на лице место извршила екипа од полициската станица Кочани, се работи на расчистување на случајот“ - вели Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Стоименов е во бегство, но од Основното јавно обвинителство од Кочани велат дека водат истрага против него за обид за убиство. Во нивното соопштение пишува дека отежнувачка околност е тоа што во ресторанот во моментот имало и други гости што Стојменов со пукањето ги довел во опасност.  Четворица од двете групи кои седеле во ресторанот веќе се повикани да дадат исказ во Обвинителството. Мотивот за пресметката сеуште останува непознат.

Кочанчани велат дека двајцата учесници често се дел од слични пресметки и низ градот се шпекулира дека причина се нерасчистени односи околу рекет, но пред камера, никој ништо не зборува.

Стоименов не е непознато име за јавноста. Тој беше телохранител на екс-шефот на УБК, Сашо Мијалков и клучен сведок во случајот „Детонатор“, во кој пред седум години за рекетарство и перење пари во судница седнаа 16 лица, а операцијата од позицијa смени 13 полициски командири и тогашниот прв човек на СВР Штип.

Сега осудените во „Детонатор“ тогаш тврдеа дека тие се жртва на Стоименов, а не обратно. Во тој период, Стоименов преживеа и неколку обиди за убиство.

На двапати му беше поставувана бомба под автомобилот, во него пукаа од ловечка пушка, а за последниот обид пред пет години осуден беше Александар Василевски - Нинџа.

0 Коментари

Остави коментари