Тачи: Двете страни се „подготвени и желни“ за договор
Foto

Тачи: Двете страни се „подготвени и желни“ за договор

Косовскиот претседател Хашим Тачи, за време на разговорите во Атлантскиот совет во Вашингтон посочи дека сеопфатниот договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина „по вековниот судир ќе ја затвори Пандорината кутија на Балканот“, оценувајќи дека двете страни се „подготвени и желни да дојдат до договор“.

Тој наведе дека сегашниот момент е преседан за регионот и оти, како што истакна „двете суверени земји сакаат договор“, за што е потребен компромис.

– Некогаш можеби сте во право 100 отсто, но доколку сакате да дојдете до договор морате да бидете подготвени на компромис, нагласи Тачи.

Посочи дека времето истекува и оти сега е момент за дејствување и за постигнување решенија.

– Сега е историски момент. Сите ќе бидат победници – Косово, Србија, Европската Унија, регионот, но ако тоа не го направиме, сите ќе бидеме губитници, оцени Тачи.

Истакна дека Белград и Пришина трагаат за постигнување на конечен мировен договор, како и дека ги истражуваат можните идеи, но дека по тоа прашање се уште ништо не е договорено.

– Белград и Приштина знаат дека не можат да го продолжат сегашниот пат и дека статус кво е неодржлив, а замрзнатите конфликти им штетат и на едните и на другите, потенцираше косовскиот претседател.

Изрази уверување дека кога ќе се постигне договор за взаемно признавање, Косово ќе го признаат и оние пет членки на ЕУ кои не го признаваат и ќе може да стане член на ОН. 

0 Коментари

Остави коментари