Светските лидери му оддаваат почит на Џорџ Буш Постариот
Foto

Светските лидери му оддаваат почит на Џорџ Буш Постариот

Голем број државници, деловни луѓе и познати личности од светот и од САД изразија сочувство по повод смртта на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот.

Последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов изрази „искрено сочувство“ до семејството на Буш Постариот и до сите Американци.

Горбачов, кој соработуваше со Буш Постариот кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век на завршување на Студената војна ги потенцира способностите на поранешниот американски претседател како политичар, но и неговите лични карактеристики.

– Тоа беше време на големи промени кои бараа голем степен на одговорност од сите. Резултатот беше крај на Студената војна и трката во вооружување, истакна Горбачов.

Горбачов додаде дека тој и неговата сопруга Раиса „многу ги ценеле вниманието, љубезноста и едноставноста на Џорџ и Барбара Буш, како и на другите членови на нивното големо, пријателско семејство“.

Британската премиерка Тереза Меј напиша дека Буш „беше голем државник и вистински пријател“ на Велика Британија. Таа ја потенцира неговата улога во завршувањето на Студената војна со „што светот стана побезбедно место за многу идни генерации“.

Додека поранешниот британски премиер Џон Мејџор истакна дека се чувствува „почестен“ што соработувал со неговиот пријател Буш.

– Тој едноставно беше еден од најдобрите луѓе што сум ги познавал, напиша Мејџор.

Голем број германски владини претставници изразувајќи сочувство го  потенцираа ангажманот на Буш Постариот во повторното обединување на Германија во 1989 година.

– Германија многу му должи на Џорџ Буш Постариот. Тој беше претседател кога заврши Студената војна и стана возмжно обединувањето на Германија. Германскиот народ во него имаше вистински пријател, кој ја препозна важноста на историскиот момент и пружи доверба и поддршка. Германците ќе го помнат Џорџ Буш Постариот со вечна благодарност, напиша германската канцеларка Ангела Меркел во телеграмата со сочувство испратена до американскито претседател Доналд Трамп.

И германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмајер во телеграмата со сочувство наведува дека Буш Постариот беше пријател на Германија.

– САД изгубија еден голем државник. Германија жали за загубата на вистинскиот пријател, наведе Валтер-Штајнмајер.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон изразувајќи сочувство до американскиот народ и до семејството на Буш истакна дека тој „беше голем лидер, кој непоколебливо го поддржувал сојузот со Европа“.

– Ве молам прифатете го моето најдлабоко сочувство поради смртта на вашиот татко, Џорџ Херберт Вокер Буш, поранешен претседател на САД. Извонреден човек, кој верно и служеше на својата земја целиот живот – со оружје во рака за време на војна и на високи позиции во влада за време на мир, кој веќе не е со нас, напиша рускиот претседател Владимир Путин во телеграмата со сочувство испратена до Џорџ Буш Помладиот.

Путин потенцира дека Буш Постариот како лидер на САД во „една од најважните фази на светската историја покажа политичка мудрост и можност за предвидување“, како и дека „инсистираше да носи одлуки засновани на факти дури и во најтешките ситуации“.

– Џорџ Буш Постариот, истот така, многу направи за зајакнување на руско-американската соработка по прашањето за глобалната безбедност, истакна Путин.

Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер му оддаде почит на Буш Постариот потенцирајќи го негиовиот придонес за единството и безбедноста на Европа по крајот на Студената војна.

– Никогаш нема да ја заборавам улогата, што ја имаше за тоа Европа да биде единствена и да биде побезбдно место по уривањето на Берлинскиот ѕид и Железната завеса. Неговата ладнокрвност, лидерските квалитети и личните односи со германскиот канцелар Хелмут Кол и поранешниот советски претседател Михаил Горбачов беа решавачки за воспоставување на мир и враќање на слободата на толку многу луѓе на нашиот континент. Ние Европејците никогаш нема да го заборавиме тоа, истакна Јункер.

Додека претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани на Твитер напиша дека „Европа изгуби еден борец за слобода и единство во епохата на Студената војна“.

Во меѓувреме,  јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека веста за смртта на Буш Постариот го натажила. Тој ја пофали неговата улога во завршувањето на Студената војна со поранешниот Советски Сојуз, како и преземањето на лидерството во Војната во Заливот.

Емирот на Кувајт, Шеик Сабах ал Ахмад ал Сабах изјави дека Буш „се обиде да формира меѓународен поредок заснован на правда и еднаквост помеѓу нациите“.

Иранската државна телевизија јави за смртта на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, коментирајќи дека и тој „како и другите претседатели на САД, сакал да го види падот на Исламска Република Иран“.

Додека поранешниот американски претседател Барак Обама наведе дека „Америка изгуби патриот и понизен слуга“.

Наследникот на Буш Постариот, поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон изјави дека е „многу благодарен за секоја минута што ја поминав со претседателот Буш и секогаш ќе го сметам нашето пријателство за еден од најголемите подароци во мојот живот“.

– Малку Американци можат да се натпреваруваат со претседателот Буш и начинот на кој им служеше на САД, наведе Клинтон.

И актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија изразија жалење за смртта на Буш Постариот. Тие ги пофалија „цврстите одлуки, здравиот разум и неприкосновеното раководење“ на Буш Постариот.

– Буш инспирира генерации свои колеги Американци во јавната служба, наведе Трамп.

Тој денеска во Буенос Аирес, каде се одржува Самитот на Г-20 ја откажа прес-конференцијата поради смртта на Буш Постариот.

Буш Постариот почина синоќа на 94-годишна возраст во неговиот дом во Хјустон, Тексас. Тој беше 41. претседател на САД. За време на неговото владеење во периодот од 1989 до 1993 година заврши Студената војна. Ве негово време беше изведена воената операција „Пустинска бура” против ирачкиот претседател Садам Хусеин.

Буш беше претседател во еден мандат. На изборите во 1992 година беше поразен од демократот Бил Клинтон.

Џорџ Буш постариот беше ветеран од Втората светска војна, конгресмен од Тексас, директор на ЦИА и потпретседател на Роналд Реган.

Неговиот син Џорџ Буш помладиот беше 43-от претседател на САД, а другиот негов син Џеб Буш беше гувернер на Флорида.

Во последните години, тој страдаше од Паркинсонова болест. За време на неговото владеење се случи падот на Берлински ѕид, распадот на СССР и Варшавскиот пакт. Во 1989 година Буш постариот даде наредба за воен упад во Панама, а во 1991 година, кога Ирак одби да ги повелече своите сили од Кувајт, ја нареди операцијата „Пустинска бура”.

Буш постариот имаше седум средби со шефовите на Советскиот Сојуз и Русија, Михаил Горбачов и Борис Елцин, при што беа потпишани два договора за намалување и ограничување на стратегиското  вооружување (СНВ-1 и СНВ-2).

0 Коментари

Остави коментари