Светски лидери денеска одлучуваат за помош за Либан
Foto

Светски лидери денеска одлучуваат за помош за Либан

Продолжуваат антивладини протести во Либан, неколку дена по катастрофалната експлозија која уништи дел од престолнината Бејрут. Илјадници демонстранти се судрија со полицијата во центарот на градот а дел од нив упаднаа во зградите на либанската влада и Министерството за надворешни работи.

Силната експлозијата која го срамни со земја главното пристаниште во државата, уште повеќе го зголеми гневот кај јавноста која и претходно неколку месеци протестираше поради корупцијата во владата. Овој пат, велат дека ќе одат до крај и дека мора да има правда за сите оние кои ги загубија животите. И покрај ветувањата на владата, не веруваат дека истрагата која се спроведува ќе доведе до апсење на одговорните за несреќата.

„Ја преживеавме експлозијата но да бидам искрена, претрпевме голема штета. Јас можеби имам среќа што можам да ја напуштам државата, но сите овие луѓе кои се тука не можат да го сторат тоа.“ - вели Мишел Кандалаф.

„Нема да си одиме од тука. Или ќе бидат тие главни или ние. На крајот, народот секогаш излегува како победник. Ќе продолжиме да се бориме.“ - вели Диала Ајад.

„Сакаме одмазда. На еден или друг начин, мора да се сменат сите политички класи во државата.“ - вели Тарек Шараф.

Министерката за информации на Либан, Манал Абдел-Самад, стана првиот член на либанската влада кој одлучи да си замине од функцијата. Како причина за повлекувањето, Абдел Самад го наведе неуспехот на владата да ги спроведе неопходните реформи.

„По огромната катастрофа во Бејрут, јас поднесувам оставка. Им се извинувам на Либанците, не можевме да ги исполниме нивните очекувања.“ - изјави Манал Абдел-Самад - Министерката за информации на Либан.

Премиерот на Либан, Хасан Диаб веќе најави дека ќе предложи одржување предвремени избори во земјата, откако експлозијата во центарот на Бејрут во вторникот ја продлабочи кризата со која се соочуваше државата веќе неколку месеци.

Во меѓувреме, бројот на загинати се искачи на 158 лица, а повредени се повеќе од 6.000 лица. Се уште трае и потрагата по десетици лица за кои се верува дека се наоѓаат под урнатините.

На иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон и на Обединетите Нации, светските лидери денеска разговараат за обезбедување на хуманитарна помош за државата. Либанскиот министер за економија веќе соопшти дека на земјата ќе и бидат потребни најмалку 15 милијарди долари за да се справи со моменталната криза.

0 Коментари

Остави коментари