Судот му одреди куќен притвор на Стевчо Јакимовски поради здравствени причини
Foto

Судот му одреди куќен притвор на Стевчо Јакимовски поради здравствени причини

На поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски поради злоупотреби со легализација на градежни објекти и државно земјиште судот му одреди куќен питвор. Иако обвинителството за организиран криминал бараше притвор за Јакимовски, поради здравствени причини, судот му одреди поблага мерка односно мерка куќен притвор.

Јакимовски девет часа беше на распит во Кривичниот суд заедно со уште двајца вработени во општината, а судот ги сомничи за злоупотреба на службената положба. Според кривичната пријава поднесена од МВР, Јакимовски од позиција на градоначалник им овозможил на три фирми да се стекнат со земјиште кое било во државна сопственост, така што го легализирал земјиштето спротивно на Законот.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, соопшти дека е поднесена кривична пријава и против лицата Г.Р. (51) во својство на управител на „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, Ч.А. (67) во својство на управител на “ЕМАГ“ ДОООЕЛ Скопје, С.П (53) во својство на управител на “ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, и Т.К. (58) во својство на физичко лице, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело -„поттикнување“ во врска со кривичното дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според документираните сознанија од истрагата пријавените, Јакимовски  во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината, В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам, М.Т. во својство на вработена во Одделение за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во општина Карпош и Р.Д. во својство на вработена како извршител на работи од областа на архитектонвски планирања во општина Карпош, постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на ул.„Илинденска“, на катастарски парцели во општината, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања.

Така,  на правното лице “Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје му овозможиле противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во сопственост на државата во вкупна површина од 1.533 метри квадратни, кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 27.594.000 денари (или 448.683 евра). На правното лице „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, му е овозможено противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во вкупна површина од 722 м2, кое, пак, како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 12.996.000 денари (или 211.317 евра). На правниот субјект “ДОТ Мебел“ ДООЕЛ Скопје и на физичкото лице Т.К., пак, им  било овозоможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата за 450 денари по квадратен метар иако доколку се одржело јавно надавање почетната цена би била 300 евра од метар квадратен, информира портпаролот на МВР. 

0 Коментари

Остави коментари