Судот го назначи Бузаку за лидер во ИВЗ, Сулејман Реџепи не ја признава одлуката
Foto

Судот го назначи Бузаку за лидер во ИВЗ, Сулејман Реџепи не ја признава одлуката

Продолжуваат превирањата во Исламската верска заедница. Новиот поглавар Скендер Бузаку е назначен на функцијата од судот, но Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи и натаму не ја признава таа судска одлука.

Ријасетот, пак, порача дека е единствено тело кое го назначува поглаварот на ИВЗ, а судската одлука за негова смена и целиот случај се скандалозни и зад тоа стои политиката.

– Ваков скандал не паметам во исламската заедница. Ова е незапамтено и незаборавено, рече Реџепи и додаде дека тој го лоцира проблемот во Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, односно нејзините раководни лица, истакна Реис ул улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи.

Според него, политиката е таа која всадува омраза меѓу верските заедници.

– Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на реис ул улема на ИВЗ – Сулејман ефенди Реџепи, примена на ден 25.03.2019 година и заведена под број 15-13/174, Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис ул Улема и на истата седница за Реис ул Улема е избран Скендер Бузаку. Судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница, соопшти Основниот суд Скопје 2.

Од судот потенцираат дека решението за Скендер Бузаку да биде назначен за нов поглавар на ИВЗ, не го донеле самостојно, туку врз основа на донесени одлуки на верската заедница и на барање на Ријасетот на ИВЗ и дека функцијата на Сулејман Реџепи како поглавар на ИВЗ му престанала откако тој поднел неотповиклива оставка и таа била прифатена од Ријасетот.

Околу тоа дали оставката е фалсификуван документ, од Граѓанскиот суд велат дека може да се одлучува во друга посебна постапка.

Во меѓувреме, Бузаку најави институционална борба за преземање на лидерството во ИВЗ. Тој рече дека не сака да создава немири, физички судири и најави дека сите постапки ќе ги водат по институционален пат, а потоа ќе ја преземе функцијата. Посочи дека немаат пристап во седиштето на ИВЗ, бидејќи неговиот претходник Сулејман Реџепи ја узурпирал институцијата.

– Ако не ги напушти просториите, ние ќе одиме по судски пат, по пат на извршители, и со асистенција на полицијата, рече Бузаку и додаде дека согласно решението на судот, излезено во „Службен весник“, Реџепи веќе не е Реис ул улема.

Според него, оваа ситуација негативно влијае кај верниците.

Прашан за обвинувањата за вмешаност на Владата во превирањата во ИВЗ, премиерот Зоран Заев одговори дека Владата ниту се мешала, ниту има намера, ниту ќе се меша, во ниту една заедница, па и во ИВЗ.

– За нас поглавар на ИВЗ е оној кој со Уставот и законите на ИВЗ тоа го утврдуваат. Не е наше да толкуваме или да навлегуваме во тоа. Државата нема намера да се меша затоа што секуларниот карактер на нашиот Устав е јасен. Ќе го почитуваме сето тоа што верниците во секоја верска заедница ќе го одлучат, истакна Заев.

Посочи дека нема да си дозволи да коментира детали во врска со судската одлука оти тоа е, како што вели, право на поглаварот на ИВЗ.

– Моја работа е да им служам на граѓаните, јас сум политичар, претседател на Владата. Работа на реисот е да им служи на верниците со исламска вероисповед и апсолутно ние сме повикани да соработуваме во делокругот на она што значи граѓани, без оглед дали се верници. Треба да соработуваме и верувам дека ќе продолжиме да соработуваме. Ниту сум помислил, ниту ќе помислам, ниту кој било треба да помисли политиката да се меша во верските заедници. Тие имаат свои закони и устави и тоа што ќе одлучат треба да се почитува, вели Заев.

Додаде дека важно е институциите на системот да функционираат и оти вистината и правдата ќе излезат на виделина.

Во врска со случувањата во ИВЗ, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека неговиот став и ставот на ДУИ за ИВЗ е дека бил скандалозен и срамен чин на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на ИВЗ. Затоа, посочи, државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира оваа независност и оваа автономија на верските заедници, вклучувајќи ја и ИВЗ.

Во меѓувреме, Управата за финансиска полиција во целост ги демантираше објавените информации во одредени медиуми дека вчера од страна на овластени лица на Управата е извршен увид и контрола во просториите на ИВЗ. Од Управата наведуваат дека немаат преземено никакви дејствија и активности со цел контролирање на финансиското работење на ИВЗ и додаваат дека вчера примиле писмена пријава со барање за финансиска контрола во ИВЗ. 

0 Коментари

Остави коментари