Судењето за „ТНТ“ продолжува на 30 август
Foto

Судењето за „ТНТ“ продолжува на 30 август

Во Основниот кривичен суд во Скопје, денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство се одложи за 30 август, заради отсуство на судијата Огнен Ставрев, кој го води предметот, а во моментов е на боледување.

Имено, на претходното рочиште поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ“, за овој предмет побара изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е застапник на обвинението заради сомнеж за поврзаност со случајот „Рекет“. Во изјава за МИА, адвокатот Еленко Миланов рече дека се уште не е доставен одговор во врска со барањето за специјалната обвинителка.

Барањето, како што рече Трајковски во изјава за медиуми, го поднел поради сомнеж за поврзаност на Јанева со Адриан Амзоски, овластеното лице на фирмата „Дрим билдинг“ од Струга, кој бил и управител на фирмата ТД „Фине“ што го градела објектот „Космос“. За него Општина Гази Баба поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за градење спротивно на одобрението за градба, а ОЈО го процесуирала обвинителниот акт до Основниот суд Скопје 1. Јанева, пак, на нејзино барање го презела случајот и веднаш ја повлекла кривичната пријава, а по два месеца Амзоски донирал повеќе од 16 милиони денари на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

-Во фаза на закажување рочиште од страна на Основниот суд Скопје 1 по кривичната пријава, Јанева го презема случајот од колегите од Обвинителството и го повлекува тој обвинтелен акт без да достави докази. Се сомневаме за поврзаност на повлекувањето на пријавата со потпишувањето на договорот за соработка на „Дрим билдинг“ со Меѓународниот сојуз по два месеца од повлекувањето на обвинителниот акт, изјави Трајковски.

Прецизира дека кривичната пријава против Амзоски лично ја повлекла специјалната обвинителка Јанева, што, додаде, е забележано во еден од извештаите на СЈО.

Бара да добие објаснување зошто Јанева ја повлекла кривичната пријава без да се изведат соодветни докази и да се изнајдат дополнителни аргументи, како и без соодветни изјави од кој било од учесниците во постапката, кои биле мотивите и дали постапувала законски.

Случајот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, се наоѓа во доказна постапка, а на последното рочиште беа сослушани сведоци предложени од одбраната.

Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кои, според обвинението на СЈО, во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

0 Коментари

Остави коментари