Струшки вечери на поезијата од 21 до 26 август, традиционална програма и нови содржини
Foto

Струшки вечери на поезијата од 21 до 26 август, традиционална програма и нови содржини

Со традиционалната и препознатлива програма, но и со нови содржини од 21 до 26 август ќе се одржи 58. издание на Фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Во рамки на програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

Директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски денеска на прес-конференција изрази надеж дека новините што ги внесуваат во годинашната програма ќе станат препознатлив белег на овој меѓународно признат и познат фестивал.

– Една од тие новини е поетската порака што ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од истакнат македонски поет/поетеса. Оваа година, автор на поетската порака е Влада Урошевиќ, на кој по повод 85-годишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет, рече Тасевски.

 

На главните фестивалски читања, тој потсети дека покрај на македонски и англиски јазик ќе се користат и албански и француски.

Годинава СВП објави повик за волонтери што ќе се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот.

– Со вклучување на волонтерите сакаме да го подигнеме интересот за Фестивалот кај помладата публика, но и да понудиме можност за нивно дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња, рече Тасевски.

За поголема достапност на публиката, тој најави организиран превоз по симболична цена за љубители на поезијата за главните фестивалски настани од Скопје преку Кичево за Струга и преку Велес и Битола, кои по завршувањето на настанот ќе може да се вратат.

– Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на Златниот Венец, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, можеме да ја издвоиме тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а темата е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, додаде директорот на манифестацијата.

Во однос на овогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири комисијата, согласно постоечкиот правилник од пристигнатите наслови го направила изборот од пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ на прес-конференција. Во потесен круг се Митко Гогов со „Скриено писмо“, Јовица Ивановски со „Човек“, Наташа Сарџоска со делото „Крстна коска“, Билјана Стојановска со „Стан што се распаѓа“ и Катица Ќулавкова со „Мои страсти, мои страданија“.

0 Коментари

Остави коментари