Странски археолози истражуваат на подводниот локалитет Врбник

Подводниот локалитет во Охридското езеро - Врбник се поатрактивен за истражување кај странските археолози. Почнувајќи од 5. јуни меѓународен тим на археолози од Швајцарија, Германија и Полска еден месец ќе го истражуваат подвoдниот локалитет кај кого во првата фаза од истражувањата лани се потврди дека наколната населба датира од раното железно време.

Палео ботаничката анализа ќе го отслика начинот на животот на населението и нивната исхрана. Праисториската наколна населба меѓу Струга и Калишта, која се наоѓа на 200 мeтри од брегот е откриена во осумдесетите години од страна на локалните рибари. Има 500 колци и документиран е простор од 500 м2 со богат археолошки материјал. 

Првите истражувања започнале пред 23 години и траат до денес, а резулатите од најновите истражувања ќе бидат доближени до јавноста преку отворен ден со цел граѓаните да можат да се запознаат со вредните археолошки остатоци на локалитетот Врбник.

Праисториската наколна населба има потенцијал во иднина да стане атрактивна туристичка дестинација за домашни и странски гости.