Стопанствениците против „европска економска зона”
Foto

Стопанствениците против „европска економска зона”

Идејата да се формира Европска економска зона за земјите од Западниот Балкан, наместо полноправно членство во Унијата, е неприфатлива за голем дел од стопанствениците. Претседателката на Сојузот на стопански комори вели дека собирање на земјите, како едно мало гето, кое заедно би требало да соработува и да добие пристапот до европските пазари е утешна награда што не треба да се прифати, зашто  на економски план нема ништо да значи за нас.
 
„Ова не е ништо поразлично од она што го имавме пред пристапните преговори и имавме можности да ги користиме тие фондови и беа користени тука во земјата.
Идејата повторно да се гетоизираме со земјите од Западен Балкан не е ништо ново. Видовме дека тоа се заговара веќе изминатите месеци доста активно. На економски план ова ништо многу нема да значи, посебно што треба да го имаме предвид фактот што ние земјите од Западен Балкан традиционално добро соработуваме, тие се нашите први трговски партнери, покрај земјите од Западна Европа. Нашата европска перспетива е тоа што го бара деловната заедница. Да имаме некоја извесност во државата, да се спроведат не само економските реформи туку и реформите во правосудството за да имаат инвеститорите и целиот деловен сектор некаква предвидливост во начинот на работењето и заштита на сопствените инвестиции. Дефинитивно ова нема да помогне. Треба да се инсистира исклучиво на тоа отпочнување на пристапните преговори и кон тоа треба да се стремиме, зашто и од таму всушност доаѓа притисокот, да се потрудиме да ги имплементираме овие реформи тука дома, реформите во правосудството за да ги заштитиме инвестициите, граѓаните да имаат добра и квалитетна правна заштита и тоа треба да ни биде целта на долг рок и од тоа не треба да се отстапува.“ - ВЕЛИ Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Оваа идеја од Брисел е во оптек за да се надминат актуелните фрустрации од Макрон кој ја спушти рампата на патот кон Унијата. Но претседателот на Републиката вели дека сите шест земји од Западен Балкан треба да кажат решително не на ваквата идеја, ако таа значи алтернатива за членството во Унијата.

„Нам не ни е доволно да бидеме само дел од заедничкиот европски пазар. Ние мора да бидеме дел и од политичките институции на Европа, за да ги усвоиме побрзо политичките и демкртаски вредностите на ЕУ. Ако станува збор за политичка реторика која подоцна нема да биде трансферирана во официјална политика на ЕУ го прифаќам тоа. Но ако станува збор за официјални предлози кои би оделе на оваа линија за нудење на алтаренативни форми на партнерство, сите шест земји на Западен Балкан да кажат решително не.“ - изјави Стево Пендаровски.

Премиерот рече дека такво нешто не е понудено на хартија. Но неговиот советникот професорот Ванчо Узунов смета дека идејата вреди да се разгледа зашто сега немаме некој избор. Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, треба да се види дали тој предлог ќе повлече економски бенефит за граѓаните.

Идејата на Брисел е бизнисите да имаат пристап до европскиот пазар, но политички, земјите ќе немаат никакво влијание. Нашите политичари нема ниту да седат на маса со останатите европски лидери. Решението би требало да го зголеми влијанието на ЕУ на овие простори, но не гарантира дека ќе обезбеди и сигурен влез во Унијата.

0 Коментари

Остави коментари