Столтенберг: На 6ти февруари потпишуваме пристапен протокол со Македонија за членство во НАТО
Foto

Столтенберг: На 6ти февруари потпишуваме пристапен протокол со Македонија за членство во НАТО

Во текот на неделата која е пред нас, ќе го потпишеме пристапниот договор за членство на Македонија во НАТО, порача денеска генералниот секртетар на алијансата, Јенс Столтенберг.

„На 6 февруари ќе испишеме историја: Сојузниците на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол со идната Република Северна Македонија“ - напиша столтенберг на Твитер.

Откако дваесет и деветте амбасадори на земјите- членки ќе го потпишат протоколот, Македонија ќе може да учествува во сите работи на северно - атлантскиот совет. Сепак, како што изјави неодамна словенечкиот амбасадор при НАТО, Јелко Кацин, државата нема да може да учествува на состаноците каде се разменуваат најчувствителни информации, сѐ додека не стане полноправна членка. Потврда стигна и од македонската влада од каде велат дека согласно постапката за прием на нови членки како и чекорите што произлегуваат од Договорот од Преспа, амбасадорите на државите кои се дел од алијансата, ќе го потпишат Протоколот за пристапување во НАТО, со новото уставно име Република Северна Македонија.

„Со овој чин, 29-те земји членки ќе ја изразат својата согласност нашата земја да станеме дел од системот и процедурите на НАТО, и учествува во работата на телата на алијансата како поканета земја членка, без право на глас.“ -

Веднаш по дадената согласност за пристапување на нашата земја во НАТО, ќе започне и процесот на негова ратификација во парламентите на секоја од земјите членки на Алијансата. Грција прва ќе го ратификува протоколот, по што договорот од Преспа и уставните амандмани влегуваат во сила. Откако ќе заврши процесот на ратификација на протоколот во сите 29 земји членки, нашата земја, со новото уставно име, ќе стане полноправна членка на НАТО со право на глас за сите одлуки на сојузот. А во пресрет на потпишувањето на пристапниот протокол честитки упати и еврокомесарот Јоханес Хан кој најави и дека Европската Унија ќе даде силна поддршка за отворање на преговорите за членство во Унијата.

0 Коментари

Остави коментари