Статистика објави раст на БДП од 3 % во третото тромесечје
Foto

Статистика објави раст на БДП од 3 % во третото тромесечје

Според податоците на Државниот завод за статистика, растот на економијата доаѓа од уметноста, трговијата, индустријата, спортските обложувалници и казина. Лошата статастика во градежништвото и понатаму продолжува. По 40% пад во првиот квартал, овој сектор сега бележи намалување за 2,6 отсто. За Владата, трите проценти раст на БДП во третото тримесечје од годинава се позитивен сигнал за македонската економија. Анѓушев очекува дека годинава ќе се постигне раст од 2,8 насто, како што беше проектирано со ребалансот на буџетот, зашто проектите во градежништвото почнале да се реализираат подоцна.

„Овој бруто домашен производ е генериран од реалната економија, не е генериран од виртуелни проекти кои државата ги правела со задолжување.“ - вели Кочо Анѓушев, вицепремиер на РМ.

Светската банка исто така гледа позитивен тренд во македонската економија, за разлика од лани кога таа беше во целосна стагнација. Нивната прогноза за годинава е помалку оптимистичка од владината со раст од 2,5 проценти.

„Инвестициите се враќаат во земјата и тоа се добри вести. потребна им е поддршка, зошто за Македонија е клучно да го забрза растот со цел да го покрие јазокот кој се јавува во споредба со Европа.“ - вели Марко Мантованели, Светска банка.

И за стопанството економијата оди по нагорна линија, но треба да се почекаат и последните месеци за да се види како таа ќе биде заокружена за целата 2018.

„Претходно следеше податокот дека имаме раст на индустриското производство за над 5%. Тоа е индикартор дека состојбите одат по нагорна линија.“ - вели Билјана Пеева Ѓуриќ, Стопанската комора на Македонија.

Во третиот кавртал бруто инвестициите се намалени за 8,5 проценти, а земјоделството бележи пад од 4,8 проценти. Извозот е зголемен за 16,4 насто, а увозот за 12,6 проценти. Финалната потрошувачка на домаќинствата има раст за пет насто, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 62,5 проценти.

0 Коментари

Остави коментари