Среде епидемија нема МРП-вакцини во Кичево и во Куманово
Foto

Среде епидемија нема МРП-вакцини во Кичево и во Куманово

Среде епидемија, нема вакцини против мали сипаници во дел од здравствените домови во државава. Во Куманово, каде е прогласена епидемија, веќе со денови нема МРП вакцини. Родители на социјалните мрежи прашуваат каде да ги имунизираат своите деца. ТВ 24 се јави и директно во вакциналниот пункт во Куманово, од каде ни потврдија дека немаат вакцини во моментов. Вакцини против мали сипаници нема ниту во Кичево каде исто така е прогласена епидемија. Од таму ни рекоа дека очекуваат да ги добијат во најскоро време.

Од министерството за здравство пак, велат дека во Куманово утре ќе бидат дистрибуирани вакцините, но не ни одговорија дали и во кои други здравствени домови нема вакцини во моментов.

„Министерството за здравство согласно потребите на Здравствените установи врши дистрибуција на квартално ниво , а во одредени случаи и врз основа на вонредно барање од самата установа. Во таа насока, конкретно за ЗД Куманово –согласно претходно договорената динамика дистрибуцијата ќе се реализира во текот на утрешниот ден. Инаку, нема недостиг на вакцини во моментов, а дополнително Министерството за здравство набави и дополнителна количина вакцини од новата серија.“ - велат од Министерство за здравство.

Според податоците на инфектвината клиника, 10 месечно бебе со морбили од Радовиш е на механичка вентилација, додека пак 4 годишно дете од скопски Сарај е во потешка состојба со респираторна слабост. Со тешка клиничка слика се и две повозрасни пациентки. Едната е со морбили и пневмонија, другата пак со морбили и ларингит како компликација. Според податоците на ИЈЗ, во целата држава близу 19 000 деца не се вакцинирани.

Последниот извештај на ИЈЗ, покажува дека од 06-ти до 12-ти април се регистрирани рекорден број на случаи на мали сипаници, односно 126 новозаболени, што е најмногу од почетокот на епидемијата до сега. Епидемија е прогласена во Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга.

Од почетокот на епидемијата во декември до сега со морбили се заразија и стотина здравствени работници, но и две трудници, кои поради заразата, биле приморани да абортираат на клиниката за гинекологија. Комисијата за заразни болести утре ќе треба да одлучи дали епидемија ќе се прогласи во целата држава.

0 Коментари

Остави коментари