Спречен пожар од поголеми размери на дива депонија над делчевското село Ѕвегор
Foto

Спречен пожар од поголеми размери на дива депонија над делчевското село Ѕвегор

 Жители на село Ѕвегор, заедно со тим на делчевски пожарникари, спречија пожар од поголеми размери над селото. Пожарот го забележале жители на Ѕвегор меѓу кои и ѕвегорецот Ванчо Новоселски, кој истиот го пријавил до Територијалната противпожарна единица во Делчево.

- Пожарот, заедно со моите роднини Сретен и Миле го забележавме на запалена мини-депонија која гореше над селото, а во истиот гореше пластика и друг вид лесно запаливи материи. Веднаш ја известивме противпожарната единица, која со свој тим и возило брзо ни се приклучија во акцијата и го совладавме огнот, рече Новоселски.

За Новоселски ваквата појава е разочарувачка, ако се има предвид фактот што пред само 2 месеци изгоре поголем дел од шумата во горниот дел на Пијанец. Според него, истото можело да се случи и денес, најмногу поради силниот ветар, кој лесно можел да го префрли огнот во блиската шума и со тоа да предизвика огромна штета од несогледливи размери.

- Палење на оган во близина на шума, после она што ни се случи летово е незамисливо, бидејки сите сме сведоци колкава површина од пламените јазици изгуби територијата на Пијанец. Поради ова јас лично ќе се заложам да се најде сторителот кој ја запалил депонијата и да одговара за својот чин, дециден е Новоселски.

Изрази голема благодарност до делчевските пожарникари за брзата интервенција и нивна поддршка со цел да се избегне најлошото сценарио.

0 Коментари

Остави коментари