Со вонреден лов ќе се намалува популацијата на диви свињи во земјава
Foto

Со вонреден лов ќе се намалува популацијата на диви свињи во земјава

Почнува вонреден отсрел на дива свиња. Ловците се мобилизираат. Државата бара од нив да ја намалат популацијата на овие животни, кои лесно можат да ја пренесат опасната африканска свинска чума и да ги заразат свињите по македонските фарми. Ловот ќе почне во пограничните подрачја со Србија и Бугарија.

Таму веќе коси оваа болест. Иако постои волја, ловците се затекнати и немаат доволно пари за да ги покријат овие вонредни трошоци, се пожалија денеска на состанокот со надлежните државни институции кој се одржа во Велес.

Проблем е и забраната за движење во шума поради опасност од предизвикување пожари. Сепак, од македонски шуми велат дека на ловците веќе им се издаваат специјални дозволи за да можат да ловат. Агенцијата за храна и ветеринарство бара од ловците да се дезинфицираат при влез во ловиште.

Застреланите диви свињи да ги донесат на точно одредена локација од каде ќе се земаат мостри за испитување, а ако видат угинати диви свињи, да немаат контакт со нив, туку да ги пријават. Првиот човек на оваа институција вели дека сите инволвирани треба да помогнат, за да се спречи ширење на оваа болест, која е огромна опасност за свињите.

По Бугарија, болеста се појави и во Србија, од каде што од вчера е забранет увоз на свинско месо. Директорот Атанасов тврди дека нема шанси да се провлекло заболено месо од увоз.. Африканската свинска чума е безопасна за човекот, но фатална за свињите. Во соседна Бугарија веќе се уништени преку 100 илјади грла, број што е приближно ист на бројот на свињи во Македонија.

0 Коментари

Остави коментари