Со василичарско оро и палење на маските завршува Вевчанскиот карневал
Foto

Со василичарско оро и палење на маските завршува Вевчанскиот карневал

Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани попладнево ќе заврши годинашниот Вевчански карневал.

Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, инспирирани од актуелните случувања изминатава година, според традицијата, денеска ќе ги посетат вевчанските семејства каде што има луѓе со име Васил, Василиј… Во утринските часови, заедно со членови од семејствата беа на Вевчанските извори каде полнеа вода со која го правеа вевчанскиот кашаник со паричка.

Вевчани изминатите два дена претставуваше отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство.

Најголема инспирација за вевчанци, очекувано кај публиката беше промената на уставното име, а низ снежните улици на Вевчани помина и комисијата за доделување Нобелова награда за мир за која е номиниран премиерот Зоран Заев и за скок во далечина за поранешниот премиер Никола Груевски. Вевчанци се пошегуваа и за странските инвестиции, минималната плата од 500 евра, законите за родителски додаток на министерот за здравство Венко Филипче, како и осуммината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ кои ги поддржа уставните измени, а го поставија и ѕидот на Трамп кон Мексико…

Многубројните гости од земјава, но и странство повторно ја доживеаја 15 вековната магија, во која вевчанци ги отсликуваат своите видувања на настаните што ја одбележаа реалноста во земјава и светот. Тие уживаа во шегите, довикувањата, ведриот дух и позитивната енергија на василичарите. Карактеристично за манифестацијата е што никој никому не се лути, бидејќи ова се денови на мајтап во Вевчани.

Вевчанецот Анастас Ќушкоски, чија пасија е фотографијата, обичајот под маски го следи од детството, а почнал да ги фотодокументира од 1979 година. Во неговата архива имал над 60.000 фотографии од кои 5.000 – 6.000 се од василичарите. Според него, карневалот го сочинуваат два вида маски, традиционални и актуелни.

– Традиционалните маски постојат од почетокот на карневалот. Тоа се зетот и невестата, ѓаволите, глупавиот август и некои од религиозна природа. Во поново време како зло се почувствува и политиката. Тоа ги натера василичарите да го избркаат и таквото зло што се наоѓа во општеството, вели Ќушкоски.

Се верува, посочи, дека со маските се бркаат злите духови и се испраќа порака за бериќетна година.

– Преку маските, вевчанци испраќаат силни пораки да биде годината бериќетна, да има среќа, вработувања…За содржината на маските никој не се лути. На тапет биле многу политичари, меѓу кои и Клинтон и Трамп, но никој не реагирал, амбасадорите се смееја на таквите маски, изјави Ќушкоски, кој досега имал над 25 изложби во земјава и странство, меѓу кои две тематски за василичарите.

Вевчанскиот карневал симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупи Августи кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

0 Коментари

Остави коментари