Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето“
Foto

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето“

Охрид од вечерва до 30 август ги живее своите 28 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Со познати арии во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното јубилејно 60-то издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност. Токму со нејзиниот концерт одржан на денешен ден во 1961 година Фестивалот „Охридско лето“ почна да ја испишува својата биографија.

Пред евидентно редуцираниот број гости на Антички поради КОВИД-пандемијата, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“.

– И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал, рече претседателот.

Пендаровски нагласи дека организирањето на „Охридско лето“ во услови на КОВИД-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно, зашто веќе 60 години манифестацијате е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво.

 

Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар.

„Охридско лето“ е дел од семејството на Европската асоцијација на фестивали уште од 1994 година, кога и официјално зачекори кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности.

„Охридско лето“ денес претставува гордост, национално достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Македонија, манифестација која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин не промовира ширум светот.

0 Коментари

Остави коментари