Снежна покривка низ Македонија – главните улици во повеќето градови главно исчистени, проблематични споредните
Foto

Снежна покривка низ Македонија – главните улици во повеќето градови главно исчистени, проблематични споредните

Засилените врнежи од снег во Скопје ги мобилизираа зимските служби. Камиони од утрово засилено ги чистеа улиците и главните булевари. По главните крстосници лесно се вози. Но, доколку сте од некоја населба оддалечена од централното подрачје макар и само два-три километри, оваа обврска сами ќе треба да ја завршите, велат дел од граѓаните.

„Вчера кога врнеше апсолутно не беа исчистени улиците, оваа главната улица ништо. А нашата улица оваа 21 ние сами си ја чистиме граѓаните. Значи тука никој не доаѓа.“
„Да тука не чисти никој. Не знам зошто како еве јас метам некогаш. Тоа се споредни улици треба да си бараат граѓаните да им пуштат некој да исчисти.“

Надлежностите се поделени. За чистење на дел од улиците обврска има Град Скопје, за останатите имаат другите општини. И едните - и другите преку соопштенија тврдат дека активно работат на терен, па ги повикаа граѓаните да си ја извршат својата законска обврска и да ги исчистат влезовите пред нивните дворови. Тие пак, со свои критики.

„Ние редовно чистиме ама не знаеме каде да го фрламе снегот, ако фрлиме на улица ќе не казнат, треба купови да собираме, ама треба службите да проаѓаат и да го чистат, затоа што луѓето не можат да поминуваат.“

Според информациите од Центарот за управување со кризи, засега во скопскиот регион критични се само повисоките места како Скопска Црна Гора, каде патиштата се непроодни, а неколку села немаат и електрична енергија. Метеоролозите пак, најавуваат нови снежни бранови.

„Врнежите од снег ќе продолжат и во вечерните часови и преку ноќта. Повремен снег ќе има преку ноќта и во северниот дел. во котлините. Поинтензивен е на крајот на денот на северозападот во полошкиот регион и овие врнежи ќе се преместат и преку скопскиот регион.“ - велат од УХМР.

Во насока на најавениот леден бран, Дирекцијата за заштита и спасување на граѓаните кои живеат на повисоките места, им препорачува навремено да обезбедат доволни количини на храна и лекови за сопствените потреби, но апелираат да внимаваат и сите кои заминуваат на подолг пат.

0 Коментари

Остави коментари