СНЕГОТ НАПРАВИ ХАОС ВО ЕВРОПА
Foto

СНЕГОТ НАПРАВИ ХАОС ВО ЕВРОПА

Откажани авионски летови, затворени автопатишта и железнички линии, отсечени зимски центри. Снежното невреме во Германија и во Австрија денеска предизвика сериозни проблеми. Снегот што постојано паѓа направи вистински хаос во сообраќајот на повеќе места во Германија и во Австрија, каде властите, поради опасност од лавини, издадоа наредба да се затворат дел од патиштата и железничките линии. Аеродромите ширум земјата откажаа бројни летови. Управата на аеродромот во Минхен, кој е втор по големина во Германија, соопшти дека заради обилните врнежи од снег кои погодија делови од централна Европа се откажани дури 120 лета. Останатите доцнат бидејќи работниците го чистат снегот од пистите и мразот на авионите.

Ситуацијата е особено сериозна и во Австрија. Силните врнежи од снег, без прекин траат од четвртокот, поради што австриската железничка компанија соопшти дека откажала неколку железнички линии поради опасност од лавини, а затворени се и неколку патишта, вклучувајќи ги сите околу Бишофшофен, каде се одржува турнирот во скијачки скокови.

Автопатот Тауерн-аутобан на територијата на Салцбург ќе биде привремено затворен, со цел да се изврши контролирана експлозија, со која ќе се отстрани опасноста од лавини, - велат од Град Салцбург.

Регионалните власти во Салцбург ги предупредија и скијачите да не одат надвор од патеките, бидејќи се очекува лавина. Околу 600 локални жители и туристи се блокирани поради голееми наноси на снег во селото Шолктал. И австрискиот канцелар, Себастијан Курц, се соочи со проблеми поради снежното невреме. Тој престојува во еден од зимските туристички центри, а во синоќа морал да откаже партиски состанок поради непристапноста на патиштата.

Метеоролозите за наредните денови најавуваат значајни снежни покривки на југот од Германија, Австрија и Швајцарија.

0 Коментари

Остави коментари